Светско првенство

Одлично прво полувреме и дебакл на крај - Шпанија нè декласираше

Македонија го одигра можеби најдоброто полувреме на Светското, но само што почна второто, следуваше страшен пад во кој примивме пет гола во само три минути и победникот беше јасен.

Како по којзнае кој пат, нашите најдобри ракометари инспиративно и мотивирано влегуваат во дуел против најголемите светски ракометни сили, но не успеваат до крај да го задржат набојот.

За четвртиот меч во групата, против европскиот првак Шпанија, селекторот Раул Гонзалес се реши на голот да почне Никола Митревски и тоа се испостави како одлична одлука. Митревски бранеше неверојатно, скротуваше зицери на Шпанците и отвораше брзи контри за нашите ракометари.

Кузмановски го отвори резултатот, а набрзо Пешевски го даде вториот гол на Македонија за водство од 2-1 по 6 минути игра. Убав финиш на акциите имаше и капитенот Лазаров кој на два пати го матираше шпанскиот голман Гонзало (еднаш од седмерец) и во 9’ минута Македонија водеше со два гола предност.

На највисоки +3 нè однесе Дејан Манасков со врвен гол по цепелин. Шпанците како да беа изненадени од феноменалниот Митревски па после тајм-аутот, Агинагалде и Алекс Душебаев намалија на 6-5 по наши грешки во нападот.

По 15 минути игра нашиот селектор првпат повика тајм-аут да ги спречи „црните минути“ во кои правевме неколку почетнички грешки.

Шпанија не би била европски шампион кога не би знаела да се справи со падови, па Раул Ентрериос брзо покажа дека „Фуријата“ ги консолидирала редовите и ја заокружи серијата од 3-0 со која Шпанците израмнија па во 21’ минута првпат поведоа.

Позитивата ни ја врати Филип Лазаров со прекрасен гол за 11-10, а после тој момент се случи нешто што можеби го реши мечот. Следуваа два чисти зицери за нови +2, но прво Георгиевски промаши стопостотна шанса, поточно Гонзало му одбрани, а му одбрани и веднаш потоа на Манасков.

На другата страна прво Раул Ентрериос, а потоа и Сармиенто погоди и Шпанија минимално водеше на паузата (12-13).

****

Само што стартуваше вториот дел се случи нешто несфатливо. Нашите направија најмалку 5 технички грешки во нападот а Шпанците во само три минути дадоа 5 гола и максимално се одлепија.

Таков пад нашата ракометна репрезентација не памети.

Сето она што го одиграа во првите 30 минути, во вториот дел беше упропастено во само неколку минути. Го решетаа Шпанците нашиот гол и во вода пропаднаа оние 11 интервенции на Митревски во првото полувреме. Цели 14 минути Македонија не даде гол во вториот дел и јасно беше кој ќе ги однесе бодовите.

Селекторот на Шпанија Рибеиро, а и нашиот селектор тогаш од клупата ставија некои резервни ракометари кои помалку играа на претходните натпревари. Дебитантот Марио Танкоски (20) во 49' минута го постигна својот прв гол на едно Светско првенство и намали на 18-24.

До крајот Шпанија го чуваше водството, а на две минути пред крајот отидоа на највисоки +10 гола разлика (31-21). Душебаев ги постави конечните 32-31 и тоа значеше втор убедлив пораз на нашата репрезентација по оние -9 со Хрватска.

Најефикасен во нашиот тим на крајот беше Жарко Пешевски со шест гола. Кире Лазаров постигна пет, а Кузмановски четири. Кај Шпанците Гомез даде шест, Раул Ентрериос пет, а Агинагалде и Арино по три.

Нам утревечер од 18 часот ни останува само едно: да го победиме Исланд ако сакаме да одиме понатаму. Шпанците ќе играат во дербито со Хрватска кога ќе се дознае лидерот на табелата.