Откако дознаа кој ќе им дојде на гости, навивачите на Селтик, познати левичари под името „Зелена бригада“, спремиле неколку пароли и антифашистички банери.
Меѓу декорот на нивната трибина стоеше и едно знаме со слика од обесениот основач на фашизмот Бенито Мусолини, кој виси со главата надолу. На банерот пишуваше „Следете го вашиот лидер“.
Мусолини бил фашистички лидер на Италија, премиер на оваа земја од 1922 година па сè до крајот на Втората светска војна во 1945, кога е убиен и обесен од партизаните заедно со неговата партнерка Клара Петачи и уште неколку фашисти во Милано. Мусолини висел обесен неколку часа.
Овој потег на навивачите на Селтик го осуди внуката на „Дуче“ (Војводата на италијански), Алесандра Мусолини, пратеничка во италијанскиот парламент од партијата Форца Италија.
„Кој и да извади фотографија или цртеж од дедо ми обесен како виси надолу, е акт на насилство и треба да биде прогонуван од обвинителството. Сакам да предложам нов кривичен закон за Дучефобија којшто уште не постои но мислам дека треба да се вклучи во нашиот правосуден систем“, рекла Алесандра Мусолини.
Келтите не чекаа долго и на натпреварот против Абердин на гости, викендов на „Питодри“ стадионот, извадија парола: Alessandra Vaffanculo (Алесандра одјеби).
Навивачите на Лацио од друга страна, веќе неколку пати го оштетија својот клуб кој мораше да игра со затворени трибини поради нивни наци-фашистички испади. Клубот е под условна казна, а за неколку дена во Рим се игра мечот Лацио - Селтик кој ќе биде прогласен за натпревар од висок ризик, со оглед на тоа што тифозите сигурно ќе сакаат да им се одмаздат на шкотските навивачи.