Месецов што изминува руските и британските политичари се надвикуваат околу бојкотот на Светското првенство и учествуваат на конкурсот за најнеадекватна изјава на годината (примерот со Хитлер како споредба со Путин од страна на англискиот министер за надворешни работи Борис Џонсон), како и одговорот на Марија Захарова, портпарол на руското МНР дека Русија дала преку 20 милиони жртви во борба против фашизмот на Хитлер.
Сè започна со труењето на некогашниот полковник во руската одбрана Сергеј Скрипаљ кој наводно одработувал за шпионажата на Британија, и неговата ќерка Јулија во англискиот град Солсбери, чин за кого Британците ја обвинуваат Русија која пак бара цврсти докази за тоа.
Од друга страна луѓето од фудбалот ја спуштаат топката на земја. Прво се огласи Гери Невил кој го нарече Џонсон будалест зошто го меша фудбалот со политиката. Вода врз огнот фрли и селекторот на Англија Гарет Саутегејт:
„Да сум јас навивач, јас би патувал во Русија. Поминав некое време во Русија и се чувствував неверојатно комфорно. Минатата година бев на Купот на Конфедерации - неверојатната атмосфера на стадионите ме потсети на другите Светски првенства на кои бев. Ситуацијата се развива и ние не знаеме што се ќе се случи во јуни но сега ништо не ме спречува да патувам на Мундијалот 2018“.
Англичаните не купуваат баш еуфорично карти за Светското: на крајот од месец март од Англија се купени 28.000 влезници од вкупно 1,3 милиони продадени. За споредба во Бразил 2014 допатуваа 57.000 Англичани а во Јужна Африка 2010 - 42.000 навивачи на „Гордиот Албион“.
Пред пријателската меѓу Англија и Италија на Вембли, руските новинари поразговарале со британските колеги.
ДАНИЕЛ ТЕЈЛОР, ѕвезда на Гардијан и фудбалски новинар во Англија за 2015 и 2016
„Мои колеги беа во Русија на Куп на Конфедерации и одлични си поминаа. Но сега во медиумите има поголема хистерија од вообичаено. Така беше и претходно: пред Еврото во Украина и Полска се зборуваше многу за расизам и имаше скандали. Но кога сите дојдоа таму видоа каква е атмосферата и немаше никакви сериозни проблеми.
Според мене, како ќе се приближува Светското така сите ќе зборуваат само за фудбал. За навивачите може да се зборува сега, но се ќе падне во втор план кога Мундијалот ќе започне.
Не можам да демантирам: кај сите има доза на страв после тоа што се случи во Солсбери (труењето на Сергеј Скрипаљ и ќерка му Јулија) и особено после тоа што се случи во Марсеј пред две години.
Денес културата на англиските навивачи е многу изменета: тие хулигани кои беа страв и трепет во ’80-те веќе не се тука а традицијата на насилство на фудалските трибини се претвори во традиција на пиење големи количини пиво.
Јас многу пати сум бил во Русија: четири или пет пати во Москва со различни фудбалски клубови. Патувањата во Русија ми беа најубави патешествија. Но знам некои луѓе кои не поминаа баш така здраво. Еден новинар на Guardian го задржале во полициска станица и морал да плати казна иако не направил ништо незаконски. Наводно барал запалка на недозволено место за пушење иако тој не ни пуши.
Слушнав дека вашето Министерство за надворешни работи се закани со забрана за влез на британски новинари пред Светското ако RT (Russia Today) го забранат во Велика Бртианија. Разговаравме за тоа со колегите но немаше големи дискусии: сите се спокојни. Во редакцијата со нетрпение го чекаме Светското. Од Guardian во Русија треба да патуваат десет кореспонденти (дописници) и сите десет се фудбалски репортери. Не праќаме новинари или политички автори, одиме за фудбал а не за скандали.
За претстојниот меч Арсенал - ЦСКА во Лондон
За се што се случи во Марсеј 2016-та, Англичаните се негативно настроени кон руските хулигани. Сите ги читавме текстовите за тоа дека хулиганите дојдоа во Франција со одобрение на Путин. Јас не се разбирам добро во руската политика и не ја знам приказната околу тоа. Но точно дека не е беа обични навивачи туку луѓе спремни да напаѓаат. Во Англија има фудбалски тепачки но такви жестоки напади немало одамна. Во Марсеј беше страшно и право чудо е што никој не загина. Имаше луѓе со сериозни повреди, паднати во кома.
Не мислам дека мечот Арсенал - ЦСКА во Лига Европа сега, на 2,5 месеци до Светското ќе биде проблем. Луѓе знаат дека обичните навивачи од Русија не се криви за ништо, доаѓаат со семејствата и имаат своја глава на рамена што би се рекло. Но Марсеј остави непријатен впечаток иако никој не крева паника што руска екипа доаѓа во Англија. Мислам дека луѓето кои учествуваа во тепачките во Марсеј нема да дојдат во Лондон следната недела.
ЕВАН ФЛИН, автор на книгата We are Sunday League за навивачкиот свет во Англија
Во Русија ќе престојувам две ипол недели. Доаѓам заедно со девојка ми и сакаме да посетиме што е можно повеќе градови, за подобро да ја запознаеме вашата земја. Во план ни се три меча во Москва (Полска - Сенегал, Португалија - Мароко и Белгија - Тунис), еден во Казан (Полска - Колумбија), еден во Нижни Новгород (Швајцарија - Костарика) и еден во Калининград (Англија - Белгија). Плус обавезно ќе одиме до Санкт Петербург.
Јас отсекогаш сум сакал да ја посетам Русија зошто учев историја на факултет и со години се восхитував на историјата и културата на Русија.
Штета што медиумите зборуваат за други работи. Сите мои руски пријатели се одлични и дружељубиви дечки. Мислам дека нема да има никакви проблеми на Светското. Точно е дека се крева паника и има стереотип на Студената војна но мислам дека не е толку негативна ситуација.
Ако се однесуваш пристојно, ако си дружељубив, ја почитуваш традицијата и културата на земјата каде што си тогаш така и ќе се однесуваат со тебе. Се надевам дека ќе поминеме одлично време во Русија.
ЏОН, навивач
Не! Никако нема да одам во Русија. Таму е сурово и жестоко. Пар мои другари беа таму и не сакаат да слушнат. Сакам да ја бодрам репрезентацијата, еве завчера се вратив од Амстердам (пријателска со Холандија). Не, со полиција не се тепав таму, едноставно пиевме пиво и го уживавме животот, зошто би правеле проблеми?
(Потураа со пиво возрасни туристи, пензионери и правеа нереди по цел град па 25 души беа уапсени):
Затоа и не одам во Русија, да не можам утре да се вратам дома. Во Бразил на минатото Светско не бев но слушнав многу лоши работи за Русите! И никој од моите другари нема да патува на Мундијалот зошто е опасно. И онака нашата репрезентација ќе го освои Светското без нас. Извинете дечки.