Фамозниот часовник на „Народниот стадион“ во Хамбург ќе се отстранува. Тој долги години означуваше колку време трофејниот клуб од Северна Германија бил Бундеслигаш, но по првото историско испаѓање од лигата лани, управата решила да го тргне.
Хамбург првпат испадна од Бундеслига на 12 мај 2018 година откако претходно речиси цел животен век беше во најдоброто друштво од самото основање на германската лига во 1963-та година.
„Одлучивме да го отстраниме часовникот на крајот од минатата сезона. Сакаме да гледаме во иднината. Постојаното гледање во замаглено стакло не помага“, изјавил извршниот директор на клубот Хамбург Бернд Хофман за Bild.
И покрај големите амбиции, ХСВ заврши четврти сезонава во втората Бундеслига и не успеа да се врати во најдоброто друштво.
Часовникот служеше како потсетник дека ХСВ беше последниот основачки член на Бундеслигата кој никогаш претходно не испаднал во понизок ранг, сè до 2018-та година кога после точно 54 години, 261 ден, 00 часови, 36 минути и 02 секунди испадна во Цвајта.
Овој часовник беше познат и под прекарот “диносаурус“ со што се алудираше на долгогодишноста на прволигашот Хамбург.
Откако се лизнаа во понизок ранг, часовникот на Volksparkstadion покажуваше колку време поминало од основањето на клубот на 29 септември 1887 година до денес. Bild пишува дека по концертот на американската поп ѕвезда Пинк на 8 јули, часовникот ќе биде демонтиран и отстранет од местото на кое стои повеќе децении и е култен.