Почина легендарниот Маноло - „Ел бомбо“ кој со својот тапан ја следеше Шпанија насекаде

Најпознатиот шпански навивачи, Мануел Касерес Артесеро, попознат како Маноло „Ел дел Бомбо“, починал во четвртокот на 1-ви мај на 76-годишна возраст. Престанало да чука срцето на човекот кој ритмички и го подаруваше на шпанската фудбалска репрезентација повеќе од 4 децении!

Epa Images
Epa Images
Photo: Epa Images

Маноло, со традиционална баскиска шапка на глава и број 12 на црвениот шпански дрес и својот препознатлив голем тапан ја следеше Шпанија насекаде ширум светот. Маноло важеше за препознатлив култен лик на шпанската селекција.

Мануел Касерес Артесеро е роден во градчето Сан Карлос дел Вале, но живеел во Уеска, Сарагоса и Валенсија, градови од кои започнала легендарната приказна со тапанот. Тој последно живеел во градчето Монкофар во провинцијата Кастељон. Пред неколку дена бил префрлен во Универзитетската болница „Ла Плана де Вила-Реал“ поради респираторни проблеми.

Маноло „ел дел Бомбо“ ја бодрел Шпанија на дури 10 Светски првенства и на 8 Европски првенства!

Во едно од бројните интервјуа, Маноло Касерес кој беше право национално богатство на Шпанија рекол:

„Целта ми е да се повлечам после 12 Светски првенства, кога ќе имам 77 години, ако Шпанија се квалификува на сите од нив. Ќе бидам таму ако треба и со бастунче“, рекол пред Светското 2006-та во Германија.

Неговата љубов со шпанската репрезентација трае од неговото детство но првпат за Шпанија патувал во странство да ја гледа репрезентацијата на Кипар во 1979-та година. Светското во 1982-ра година на домашно тло, во Шпанија го направило светски познат културолошки феномен. Со неговиот тапан беше неизоставен дел од шпанскиот фудбалски идентитет.

Касерес следел дури 10 Светски првенства! Пропуштил два Мундијали од кои и последниот во 2022 во Катар.

Последен пат со својот сакан голем тапан се појавил на „Местаља“ во Валенсија за време на четвртфиналниот дуел Шпанија - Холандија во Лига Нации во март.

„Се откажав од сè за фудбалот - мојот бизнис и се што имам, но се уште сум жив. Среќен сум, можам да ја следам Шпанија каде и да одам. Што уште повеќе да побарам?“, рекол за Ројтерс за време на Светското првенство 2018 во Русија.

За жал Шпанската фудбалска федерација прилично доцна се сетила каков бисер има во своите редови и доцна решила да му ги покрива патните трошоци. Преубавата серија од 10 Светски првенства по ред завршила неславно во 2022 кога се спремил да оди во Катар, Шпанската фудбалска федерација му купила авионска карта но никој не се сетил да му обезбеди хотелско сместување па без тоа не можел да влезе во Катар воопшто. Бил разочаран...

„Еден од нашите најверни навивачи почина, некој кој секогаш беше со нас секаде. Секогаш ќе бидеш во нашите срца. Почивај во мир, Маноло“, објави шпанската фудбалска федерација на мрежата Х.

Маноло држеше познат бар веднаш спроти стадионот „Местаља“ повеќе од 30 години. Тој направил огромни финансиски пожртвувања со цел страсно да ја следи својата најголема љубов: шпанската репрезентација...

Маноло - најпознатиот светски навивач кој беше и во Македонија

Најверниот навивач на светот, Шпанецот Маноло го продава својот тапан

На Маноло му забраниле да влезе на „Лужники“ со тапанот, па ФИФА реагирала