Најверниот навивач на светот, Шпанецот Маноло го продава својот тапан

Мануел Касерас Артесеро, светски познат како Маноло е легендарен навивач на репрезентацијата на Шпанија. За него низ годините се снимени неколку документарни филмови а напишани се стотици стории.

Неговиот голем тапан е симбол на сите големи натпреварувања каде игра репрезентацијата на Шпанија. Но сега постои ризик оваа преубава традиција, во кадарот од трибините кога игра Шпанија, веќе да не ја гледаме реликвијата на Маноло.

71-годишниот Маноло, кој беше и во Скопје на еден квалификациски меч меѓу Македонија и Шпанија, држи бар наречен Manolo del Bombo во близина на стадионот „Местаља“ во Валенсија.

И покрај тоа што од јули 2018-та овој бар е ставен на продажба, сепак и натаму работел и носел приходи до 15 март кога Шпанија се затвори поради глобална пандемија.

Сега барот носел само загуби. Алтернативен извор на Маноло била неговата пензија од 800 евра од кои тој пола пари (420 евра) давал за да покрие хипотеки.

„Во последните неколку месеци изгубив многу пари поради тоа што не можев да го отворам барот“, се пожалил култниот ветеран на радио-станицата CV Radio.

Тој не очекува брзо да се врати во нормала ниту по ублажување на мерките на карантин. Од средината на мај на баровите и рестораните им дозволиле да ги отворат само летните тераси и само 20% од внатрешноста. За еден месец доколку смртноста од коронавирус се намали, ќе може да биде отворен 50% од капацитетот.

Постои надеж дека со рестартот, новиот почеток на Ла Лига на 12 јуни, навивачите на Валенсија колку толку ќе го исполнат барот на Маноло но уште ништо не е сигурно околу фудбалот во Шпанија.

„Принуден сум да го продадам тапанот за да јадам. Викав дека никогаш нема да го продадам. Ми нудеа сериозни пари. Не знам што да правам“, очаен е Маноло кој Шпанија ја бодри по светските стадиони повеќе од 30 години.

Тој сега бара помош од сите: од новинарите, од клубовите, но секаде е тишина.

ФУДБАЛОТ Е ЖИВОТОТ НА МАНОЛО, ПОРАДИ НЕГО ЖЕНА МУ ГО НАПУШТИЛА

Мануел Касерас Артесеро првпат во живо ја гледал репрезентацијата на Шпанија во 1979-та година кога „црвената фурија“ играла на Кипар. Од тоа време Маноло со тапанот пропуштил само неколку натпревари и тоа поради неодложни случаи.

Поради неговата голема страст за тапанот и фудбалската репрезентација на Шпанија останал сам: во 1987-ма година жена му не можела да ги издржи неговите постојани патувања и излегувања надвор, па ги собрала сите четири деца и засекогаш заминала од мажот.

БАРОТ Е ЗАДОЛЖИТЕЛНА ПОСЕТА ВО ВАЛЕНСИЈА

Барот Manolo del Bombo не е обичен бар туку прав музеј. Во него има еден куп експонати од Светски и Европски првенства. Од слики, шалови, маици и извадоци од весници, до постери, амблеми, грбови.

Маноло верува дека неговиот последен турнир во животот ќе се одигра во неговата татковина. Затоа сака Шпанија да биде домаќин на Мундијалот 2026. Тогаш Маноло ќе има 77 години и верувале или не, тоа Светско за него би можело да стане 12-то гледано во живо!

МАНОЛО - НАЈПОЗНАТИОТ СВЕТСКИ НАВИВАЧ КОЈ БЕШЕ И ВО МАКЕДОНИЈА

20 мај 2020 - 12:16