На 10. март на „Лондон Стадион“ каде што игра премиерлигашот Вест Хем, мечот против Барнли беше прекинуван неколку пати поради упад на навивачи на терен.
На клубот и полицијата им требало десетина дена да ги идентификуваат проблематичните хулигани и да им изречат ДОЖИВОТНА забрана за следење на натпреварите на „Чеканите“ како дома, така и на гости.
Мечот против Барнли го прекинаа четворица „падобранци“ кои бесни поради слабите резултати влетаа во терен да се пресметаат со играчите, а уште поголем хаос направија оние кои седеа близу ложата: фрлаа разни предмети врз претседателот и директорите па една паричка го погодила сопственикот на Вест Хем Дејвид Саливен во наочарите.
„Вест Хем може да потврди дека против неколку гледачи кои ги прекршија правилата на стадионот или направија неколку насилни дела на мечот против Барнли во Премиер лигата, е преземена брза и одлучна акција - доживотна забрана за присуство на мечевите на Вест Хем добија пет индивидуи кои ги прескокнаа безбедносните огради и влегоа на теренот“, стои во соопштението на Вест Хем.
Од клубот додаваат и дека работат на понатамошно откривање на други учесници во нередите.