Селтик победи 5:2 во Глазгов и се наоѓа пред вратата од Лигата на шампионите во пресрет на утрешниот реванш против Хапоел Бер Шева во Израел.
Навивачите уживаа и во победата, но и во претставата со палестинските знамиња и пораки за поддршка на оваа земја која води вековен судир со Израел. Поради разни скандирања и инциденти Селтик претходните сезони платил преку 100.000 фунти во касата на УЕФА, но овојпат од Нион најавуваат многу подрастична парична казна.
Зелената Бригада, како што се вика најорганизираната навивачка група на Селтик Парк во Глазгов веќе имаше слични настапи. Палестински знамиња вееја и на европскиот меч против Рејкавик пред неколку сезони кога УЕФА ги казни, а исто сценарио гледавме и на мечот против Милан во Лигата на шампионите.
„Зошто клубот не се огласи по повод овој настан и да го осуди таквото однесување на навивачите. Мислам дека најголема казна за нив би им било да шетаат со истите знамиња по улиците на Израел“, изјави Данкан Симпсон.
Во меѓувреме портпаролот на израелската полиција, Мики Розенфелд изјави дека полицијата ќе го приведе секој што ќе се осмели да крене палестинско знаме на утрешниот реванш, затоа што тоа е очигледна провокација за домаќинот.
„Секако дека нема да им се дозволи да внесат знамиња. Ќе им се одземаат на влезот и ќе бидат приведувани во станица ако направат такво нешто. Ова е фудбалски натпревар а не политичко поле. Не сакаме подгреана атмосфера и наша должност е да спречиме секакви инциденти и провокативно однесување. Палестинското знаме не е забрането во Израел, но навивачки провокации нема да се толерираат“, изјави Розенфелд.
Навивачите на Селтик веќе покренаа акција по социјалните мрежи за собирање средства со кои би ја платиле казната која што ја спрема УЕФА и велат дека не сториле ништо лошо. За малерот да биде поголем, противничкиот тим Хапоел Бер Шева се наоѓа на земја која што Палестинците ја сметаат за историски своја и оттука утрешниот меч би можел да мине со сериозни инциденти. Шкотланѓаните ќе дојдат, тоа е сигурно, тие одат секаде.
Парадоксално, Хапоел Бер Шева важи за шаренолик клуб за кого играат и Евреи и Арапи и Христијани.