Млад навивач на Фенербахче спасен после 119 часа под урнатини

Во Турција и натаму трае извлекувањето живи луѓе под урнатините, дури и една недела по страшните земјотреси кои го погодија истокот на оваа земја. Феномени и чуда има многу, спасени се неколку бебиња и мали деца, а меѓу последните вести е и таа за еден млад навивач на Фенербахче. 16-годишниот Ќамил Чан Агдаш во дрес на својот омилен клуб

На Твитер, Фенербахче ја објави веста со фотографија од спасениот Ќамил Чан Агдаш и натпис: „Денес веруваме во чуда“.

Имено Фенер кобниот понеделник требаше да игра меч против Коњаспор од турското првенство, но го откажаа поради катастрофалните земјотреси во кои досега загинаа повеќе од 28.000 луѓе во Турција и Сирија.

Младиот Ќамил Чан легнал да спие во дресот на Фенербахче и така го пронашле после цели 119 часа под урнатините.

„Кој ден сме денес“?, ги прашал младиот Агдаш спасувачките екипи кои го извлекле од урнатините. Сите присутни, од роднини, камермани, репортери, спасувачки екипи и присутни соседи биле емотивни и пресреќни кога го пронашле момчето живо, пишуваат турските медиуми.

Ќамил Чан бил во добра состојба со оглед на страшните околности, а Фенербахче дури сега му спрема најубави подароци. За почеток му се јавил првиот голман Алтаи Бајиндир на телефон и го охрабрувал да се опорави што поскоро и да дојде кај нив на гости во клубот.

 

Турција преживеала ваков страшен земјотрес во 1999-та, а љубовта кон еден клуб била поголема од сè

13 февруари 2023 - 13:58