29 септември 2024-та ќе остане запишан како историски во архивите на Амбасадата на Италија во Скопје, која за прв пат го прослави денот на италијанскиот спорт во светот.
Проект промовиран од Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, во договор со италијанското Министерство за спорт и Италијанскиот национален олимписки комитет, кој планирано е да се одбележува секоја година.
Темелите беа удрени на стадионот на АРМ, а акцентот беше ставен на популарната Серија А, претставена преку македонските фан клубови на Јувентус, Интер, Милан, Лацио, Наполи и Рома.
Се формираше и Здружение на македонски фан клубови именувано како „Навивачи калчо триколоре“, во кое членуваат шесте навивачки групи.
Пред присутните се промовираа со штандови препознатливи по боите на клубовите, полни со навивачки реквизити и делеа привезоци, знаменца, балони, стикери...
Настанот го отворија амбасадорот Андреа Силвестри и министерот за спорт Борко Ристовски кои ги посетија штандовите и ги поздравија навивачите.
Беа одиграни и натпревари меѓу јуниорските машки и женски екипи на фудбалските клубови Брера од Струмица, Џиџи и Работнички од Скопје, како и меѓу навивачките групи.
Италијанската амбасада во соработка со новоформираното навивачко здружение, во текот на годината ќе организаат и заедно следење на напревари од Серија А и европски купови.
„Денот на италијанскиот спорт во светот, организиран од Италијанската амбасада ги прослави вредностите на почит, страст, фер натпревар и тимски дух, типични за спортот, но и неговата способност да ја зајакне соработката и да го промовира дијалогот меѓу народите“, рече италијанскиот амбасадор, кој беше вреден по завршувањето на прекрасната дружба.