Комити: Корумпираниот систем им овозможи да го земат најголемото богатство и национален бренд

На две кола до крајот на сезоната, ФК Вардар има само теоретски шанси дека ќе се спаси. Но Комити, кои со месеци бијат битки, не се загрижени за опстанокот во лигата, туку упорно бараат одговори за опстанокот на клубот, кој се чини дека никој не сака да го обезбеди.

Немавме многу, но секогаш знаевме да го поделиме и тоа што го имавме...Немавме мобилни телефони а во секое време знаевме каде да се најдеме...Не бевме најдобри но секогаш ги исполнувавме трибините на Градски...Немаше ништо поважно од тоа да се биде на стадион покрај Вардар во Недела...

Испаѓавме, но знаевме дека експресно ќе се вратиме...

Сè беше природно, победите, поразите, радоста и тагата, па дури и испаѓањето...Но на никој не му паднало на памет намерно да работи на штета на Вардар, затоа што ќе се соочеше прво со законите, од кои можеби би куртулул, а потоа со навивачите и народот, од кој сигурно немаше да 'спаси жива глава'.

Времињата се изменија, дел од нас сеуште живеат по истите принципи, останатите по нови, но Вардар сеуште тече, срцата сеуште за него чукаат...

Испаѓаме, но не сме сигурни дали и кога ќе се вратиме, а притоа најмалку стравуваме од противниците, туку стравуваме од оние кои треба да го заштитат. Во денешно време надлежните работат на уништување на клубот. Стравуваме од 'своите'...Оние кои треба да стојат во првите борбени редови во одбраната на заедничкото. Корумпираниот систем им овозможи да го земат најголемото богатство и национален бренд, за без пари, без обврски, без правила на игра, целосно изложен и незаштитен...и притоа да мавтаат со него од работ на провалијата, заканувајќи се со неговиот живот...Државата со целосно изместени вредности, аплаудира и го помага уништувањето.

Остануваме само ние, да не се лажеме, само навивачите имаат искрени намери и само една желба.

А кога ќе дојде моментот Вардар да дојде на дневен ред, кога ќе намирисаат крв, хиените "загрижени" за Вардар блиски до овие или оние, а далечни од Вардар, ќе се наметнат кај "лидерите" да бидат "спасители" по критериумот "подолг јазик", и "крвави коленца" кои имаат единствена цел - зграбување позиција за цицање од заедничкото и ќутење додека трае, како крлежи кои се дават во нашата крв.

Да застанеме заедно на фронтот за Вардар, да ги поставиме правилата на игра, критериумите и филтерот кој ќе го поминат само оние со чесни намери и се разбира најдобра програма и визија за клубот.

Виа

4 мај 2021 - 14:27