Грмотевици на Сан Сиро, тифозите против американската управа

На денот кога Милан прослави 125-годишен роденен, пред мечот против Џенова кој заврши 0-0 имаше низа настани на теренот со кои се одбележа големиот јубилеј. Но навивачите на Милан обединети под групата Курва Суд (Јужна трибина) надвор од стадионот а подоцна и на трибини го искажаа револтот од управата на чело со италијанскиот Американец Гери Кардинале.

Навивачите на Милан се разочарани од односот на управата кон клубот, од лошото водење трансфер политика и од низа одлуки кои придонесоа росонерите да делуваат бесмислено, без никаква цел во сезонава:

„Ние не сме Американци“! грмеа тифозите на Милан:

На теренот на „Сан Сиро“ се појавија многу поранешни славни и легендарни имиња на Милан како Марко ван Бастен, Франко Барези, Франк Рајкард, Руд Гулит, Пипо Инзаги, Мауро Тасоти, Џовани Гали и Филипо Гали, Албертини, Сидорф, Донадони, Костакурта, Пато, Бориело, Монтоливо и многу други.

Некои како Капело, Малдини, Саки, Галијани, Дида, Кака, Дејан Савичевиќ, Бобан, Шевченко, Неста и Кафу биле поканети но биле спречени да дојдат.

На јужната трибина се појави парола:

„Да ги поздравиме шампионите, симболите на еден Милан кој веќе не постои“ и свирежи до управата.

Најмногу свирежи доби Златан Ибрахимовиќ кој е алфа и омега во спортскиот сектор на Милан. Кога неговата фотографија се појави на големиот видео бим навивачите го исвиркале жестоко затоа што од миленик им стана омразен лик од управата.

„Си заминувате или не?“, „Ние не сме Американци“ и „Неспособни раководители, клуб без амбиции“ стоеше на неколку пароли кои навивачите на Милан ги држеа на стадионот:

После 16 кола во Серија А Милан е на очајното 8. место со 23 бода (имаат 6 победи, 5 нерешени и 4 порази). Зад лидерот Аталанта која има 37 бода заостануваат цели 14 бода. Од друга страна во Лига на шампиони на Милан му оди добри, има 5 победи по ред и веќе обезбеди пласман во следната фаза па тој факт го спаси и тренерот Пауло Фонсека.

16 декември 2024 - 09:51