Германците се жалат до УЕФА: „Хрватите нè претресуваа по интимни делови“

Борусија Дортмунд рутински се прошета во Загреб каде со 0:3 го совлада Динамо Загреб на македонскиот фудбалер Стефан Ристовски кој одигра цел меч. Ден по натпреварот Германците се жалат на мизеријата која ги затекнала на еден од најнеугледните стадиони во Лига на шампиони.

Хрватската јавност со децении бара „Максимир“ да се урне и да се изгради нов, модерен и убав стадион кој би бил во согласност со резултатите на хрватската репрезентација и Динамо Загреб.

Стадионот во Загреб веќе со години е руиниран, изгледа на право ругло и навивачите на Динамо имаат желба да видат нов стадион. А гостите кои доаѓаат се запрепастени од изгледот на „Максимир“.

Синоќа навивачите на Борусија Дортмунд и претставници на клубот и медиумите од Германија се стаписале од состојбата на стадионот и од односот на полицијата и редарите кон нив.

Најпознатиот германски спортски лист Билд оди со наслов: „Искупување на Борусија во шупата“ со алузија на состојбата на стадионот „Максимир“.

Искупување затоа што ова е прва победа на актуелниот европски шампион во Лига на шампиони на гости после дури шест порази.

За стадионот новинарите на Билд велат:

„Источната трибина е целосно празна (затворена) затоа што уште од сериозниот земјотрес во 2020-та се заканува нејзино уривање и не е сигурна за навивачи. Исто така по целиот стадион и неговата внатрешност има пукнатини. Ова е права руина!“

Познатиот германски спортски новинар Патрик Бергер на Х напишал: „Не само во Србија, туку и во Хрватска германските навивачи очигледно понекогаш се изложени на непристојни и остри контроли. Навивачите на Борусија Дортмунд мораа делумно да се соблечат во посебни шатори на стадионот во Загреб а наводно вршени се проверки и на нивните интимни делови од телото“.

Рутинските контроли на стадионите ширум Европа се стандардна појава, ништо ново, а познатиот облик на хулиганизам во регионов придонесува во Загреб и Белград да има поостри и порутински полициски контроли.

28 ноември 2024 - 10:17