Мундијалот во Русија со сигурност е еден од најбезбедните досега организирани. Низ земјата домаќин проциркулирале околу 5 милиони луѓе од целиот свет, а немало ниту најмал инцидент.
За разлика од Европското 2016 во Франција, кога екипираните руски хулигани страшно насилно ги напаѓаа англиските навивачи, овојпат такви апокалиптични тепачки нема.
Напротив, британците раскажуваат дека не паметат некаде да поминале така убаво како во Русија.
Неверојатна е приказната која што ја пренел Англичанецот Мет Мејбери кој бил пред две години во Марсеј а присутен е и сега во Русија. Пред мечот на Англија во Волгоград, Мет заедно со неговите другари се сретнале со група руски навивачи, си подале рака, се дружеле и си купувале пиво едни на други.
Интересно, Русите ги замолиле Англичаните дали може да најдат контакт од навивачи на Сандерленд за да им вратат неколку одземени државни знамиња во нередите во Марсеј.
„Се сретнавме со волгоградските ултраси и тие сакаа да ги вратат знамињата кои ги одземаа во Марсеј. Не сакаа да слушнат за никакви нереди. Ни купија пиво и цела вечер не гоштеваа. 6 души од нив биле во Марсеј кога се случија тепачките“, вели Мет Мејбери и додава:
„Многу сакаа да ги вратат одземените знамиња и креваа раце во знак на примирје. Ни кажаа дека секој кој доаѓа во нивниот град е гостин и дека со него ќе се однесуваат поинаку од претходно. Кога седнавме со нив во бар, ни кажаа да се чувствуваме како дома и ако имаме проблем да ги контактираме.
Прашуваа дали меѓу нас има навивачи на Сандерленд затоа што имаа неколку англиски знамиња со амблемот на Сандерленд. Им дадовме контакт од некои луѓе на кои ќе им бидат вратени транспарентите и знамињата. Пиевме многу алкохол, шотови водка. Никој од нас не очекуваше дека тие може да бидат толку дружељубиви.“
Мет кажал и како поминал 5 градови за две недели и никаде немал проблем меѓу руски и англиски навивачи.