Повлекувањето од НБА лигата Дејвид Штерн го најави при крајот на 2012 година кога изјави дека на 1 февруари 2014 година ќе одбележи точно 30 години работи како прв човек na најквалитетната и најатрактивна лига во светот.
71 годишниот Штерн стана дел од НБА во 1967 година како правен советник, а во 1980 година беше унапреден во потпретседател на тогашниот комесар Лери О` Брајан, човекот на кој денеска е посветен трофејот во финалињата.
Од американската кошарка која во минатото тонеше во проблеми, тој направи глобален феномен во кој играат најдобрите кошаркари во светот, лигата доби популарност во цела планета, а стана и поле за огромен бизнис кој често пати го анализираат економски сксперти..
„Се повлекувам во момент во кој мислам дека лигата е во голема форма, а моето наследство се луѓето кои останаа да работат таму. Немав некој таен рецепт или конкретен план кој го следев, туку целта беше да ги решиме проблемите на кои наидовме. Кога работевме знаевме многу добро што сакаме да постигнеме, а тоа беше експанзија. На почетоците успеавме да ја збогатиме лигата со уште четири екипи, а тоа беа Мајами и Минесота во 1989 година и Шарлот и Орландо една година подоцна“, вели Штерн.
Кога на Ол стар викендот во 1984 година тој стана прв човек на НБА лигата, таа беше преполна со нерегуларности и матни игри. Се правеа спонзорски договори на црно, не беа добро решени тв правата за емитување, а според едно истражување во 1982 година, дури 75% од кошаркарите во тоа време користеле дрога.
Штерн ќе остане запаметен како еден од најдобрите спортски функционери во САД кој успеал да ја подигне НБА лигата на многу повисоко ниво и која благодарение на него стана една од најпопуларните четири спортски лиги во САД.
Во негово време продефилираа имиња како Мајкл Џордан и Меџик Џонсон, а на Олимпијадата во Барселона 1992 година ќе остане запаметен настапот на грандиозниот Дрим Тим предводен од најдобриот кошаркар на сите времиња.
За време на неговиот работен стаж од 10.958 дена приходите на НБА лигата пораснаа од 165 милиони на 5,5 милијарди долари, а платите на играчите од 270 илјади на 5,7 милиони доалри во просек. Во 1984 година натпреварите беа пренесувани во две земји, а сега се следат во 215.
Наследник на легендарниот Дејвид Штерн ќе биде Адам Силвер кој веќе 22 години е дел од овој спортски бизнис.