Во Евролига кадија те тужи, кадија те суди

Или ќе играш како што тие свират, или не си поканет на забавата, чао здраво.

Евролига е приватна лига. Сопственици на лигата се самите клубови. Акционери и клубови со А лиценца кои секогаш учествуваат без оглед на пласман во домашно првенство. Тие се: Реал Мадрид, Барселона, Басконија, Панатинаикос, Олимпијакос, Фенербахче, Анадолу Ефес, Олимпија Милано, Макаби Тел Авив, АСВЕЛ, Баерн Минхен, Жалгирис Каунас и ЦСКА Москва.

Сите останати зависат од многу нешта: од пласман во домашната лига на крај на сезоната, од буџет, од исполнети бројни услови за сала, аеродром во близина на салата/хотелот и слично. Критериуми еден куп.

Плус, на сево ова за учество во Евролига се плаќа 1 милион евра. Ако сакаш да бидеш дел од тоа друштво мора да платиш. Не е како во фудбалска УЕФА Лига на шампиони каде благодарение на резултати добиваш бодови, пари, награди, бонуси.

Клубовите од регионов, од јадранската АБА лига имаат еден патник во Евролига. Само шампионот но и тој не е сигурен па секоја сезона во изминатите 10-15 години има тегнење од типот „не знаеме дали ќе смееме да дадеме покана за учество“, „чекаме да видиме што ќе каже Дубаи, Лондон, Париз“ и слични изговори.

На страна сево ова, судењето во Евролига во последно време е катастрофално и неретко оди на рака на најголемите клубови. На пример минатата недела во Каунас, Црвена Звезда имаше тешко гостување кај Жалгирис. Успеа јадранскиот шампион да се врати од негатива, па дури и да поведе но судиите со неколку драстични грабежи брутално го оштетија белградскиот клуб.

После ваквата недозвола да се победи Жалгирис во Каунас, неколку играчи на Црвена звезда беа револтирани, оправдано гневни и лути. Во таква состојба даваа изјави после мечот и со вжештени глави кажуваа дека судењето било лошо.

Евролига чиј главен директор е Литванцот Паулиус Мотиејунас кој е истовремено и прв човек на Жалгирис Каунас сега казни тројца кошаркари на Црвена звезда, претседателот на овој клуб и самиот клуб со вкупна сума од 75.500 евра поради коментирање судии што е казниво со правилникот на лигата.

Притоа кога Жалгирис е казнет парично од Евролига, набрзо по вложена жалба казната се намалува драстично (лани од 9.000 евра поради фрлање предмети на терен на еден натпревар, казната им ја симнаа на 3.000 евра преку ноќ). Во меѓувреме навивачите на Жалгирис од групата Грин Бојс собрале пари да ја платат казната но откако Евролига ја намалила, остатокот од парите го донирале за украинската армија.

Претходно и многу други клубови се пожалија на судењето а Евролига после неколку натпревари призна во соопштенија дека имало судиски грешки. Но какво фајде од тоа имаат екипите кои запишале порази поради лоши судиски одлуки.

На крајот испаѓа народната кадија те тужи кадија те суди.

Во последните денови се појавија и опсежни истражувачки статии, во прв ред на грчки медиуми во кои се зборува дека Моитејунас само привидно, фиктивно го продал мнозинскиот пакет акции во Жалгирис зошто му се коси со функцијата извршен директор во Евролига, но и натаму се води од сенка во клубот.

Притоа грчка Газета пиша дека Моитејунас оркестрирал продажба на клубот Лондон Лајонс на компанија која е контролирана од него и тоа неетички и аморално без да ги извести акционерите во Евролига односно газдите на другите клубови.

После судиските неправди некои коментатори, навивачи на разни клубови, на социјалните мрежи пишуваа како ова веќе нема смисла, се повторува од година во година и можеби е најдобро да се игра во кошаркарската Лига на шампиони или Еврокуп, во организација на ФИБА.

7 ноември 2024 - 11:51