Трката за МВП во НБА никогаш понеизвесна

Нема ден нивните имиња да не ги окупираат насловите на спортските медиуми. По апсолутната доминација на Леброн Џејмс во изминатите години, сезонава дури четворица играчи имаат подеднакви шанси да ја добијат наградата за најдобар играч во регуларниот дел.

По долгата доминација на Леброн Џејмс која ја прекинаа само Дерик Роуз во 2011 година и Кевин Дурент минатата сезона, оваа година во конкуренција за МВП наградата влегуваат дури четири играчи. Најмали шанси му се даваат токму на Леброн.

Таман кога ќе видиме како Стеф Кари му „ги исчашува колената“ на Крис Пол и ќе помислиме дека тоа е тоа и дека нема кој друг да стане МВП, ќе се разбудат кошаркарите од Западот.

ЏЕЈМС ХАРДЕН

„Брадата“ успеа да постигне рекордни за него 51 поен против Сакраменто Кингс во ноќта меѓу средата и четврток. Харден претходно уфрли 50 поени против Денвер. Учинокот на Харден е уште поголем, особено ако се знае дека повеќе од пола сезона игра без повредениот Двајт Хауард.

Дека не е само одличен шутер, туку и врвен техничар, Харден покажа против Минесота кога со дриблинг го „скрши“ Рики Рубио. Харден, заедно со Расел Вестбрук е најдобар стрелец во НБА лигата со 27,6 поени по натпревар, 5,7 скокови и 7 асистенции во просек.

СТЕФ КАРИ

Мртвата трка за МВП на сезоната, Џејмс Харден ја води со Кари. Нема утро во последниве неколку месеци, а во насловите на спортските медиуми да го нема Стеф Кари. Освен што бројките му се приближни со оние на Харден, Кари сезонава е можеби најатрактивниот кошаркар. Во досегашниот дел од сезоната, Кари има учинок од 23,7 поени, 4,2 скока и 7,8 асистенции во просек по натпревар.

Фрла тројки и не гледа, знае дека ќе погоди:

 

РАСЕЛ ВЕСТБРУК

Рас целата сезона пружа фантастични партии, но уште повеќе експлодираше откако стана МВП на Ол-Старот во февруари. Со маска на лицето, Вестбрук од вечер во вечер си поигрува со противниците. Го стигна рекордот на Мајкл Џордан со трипл-дабл учинок на четири натпревари по ред.

Последниот, 10. трипл-дабл во сезоната го забележа во средата вечер против Далас Маверикс.

Најголемата пречка за Вестбрук да стигне до МВП наградата веројатно е осмото место на неговата Оклахома Тандерс. Екипата нема очекувани резултати, а тоа се должи на повредата на Кевин Дурент. За разлика од Вестбрук, франшизите на Харден и Кари веќе се пласираа во Плејофот. Просекот на Расел Вестбрук е 27,6 поени, 7,3 скокови и 8,7 асистенции по натпревар.

ЛЕБРОН ЏЕЈМС

Од многу причини, Кралот Џејмс сезонава е четврти на листата фаворити за МВП наградата. Со оглед на партиите кои ги пружа Ентони Дејвис, многу лесно Леброн Џејмс би можел да биде петтиот најдобар играч во регуларниот тек.

Воигрувањето во новата екипа, повредите и припремите за плејофот влијаеа Леброн Џејмс да нема неверојатни бројки како во минатите сезони. Најдобри моменти сезонава му беа оној против Бруклин, кога покажа како се забива, против Милвоки Бакс кога правеше дар-мар. Леброн синоќа успеа да го надмине рекордот на асистенции од крилните играчи во НБА. Најдоброто од него се очекува во доигрувањата.

До сезоната 1980-1981, МВП титулата се доделуваше по гласањето на НБА играчите. Од тогаш до денес таа чест им припаѓа на спортските новинари и емитери од САД и Канада, како и гласовите на фановите (гласаат од 2010. година).