На стартот од натпреварот кошаркарите на МЗТ ја искористија лошата реализација на Будуќност и направија серија од 9:0. Гостите скоро пет ипол минути не постигнаа поени, па МЗТ бргу направи двоцифрена предност (12:2). По седум минути игра МЗТ ја имаше највисоката предност од +15 (19:4), а на крајот од првата четвртина имаа 24:11.
За одбележување на овој натпревар е и враќањето на паркетот по повредата на Ѓорѓи Чековски со чии први поени оваа сезона во втората четвртина МЗТ дојде до +16 (29:13). Во втората половина од оваа четвртина гостите ја искористија малата резултатска криза и ја намалија негативата, но нашиот шампион бргу се врати во игра и до полувремето си ја вратија предноста од +16 (44:28).
Црногорците се разбудија во второто полувреме и предноста на МЗТ од +18 ја стопија на само седум разлика (57:50), но искусниот Гечевски со седум поени во серија го врати двоцифреното водство и по третата четвртина резултатот гласеше 64:52.
Но во последната четвртина кошаркарите на Будуќност фатија залет и со голема серија на три минути до крајот стигнаа до само еден поен негатива (72:71). Но тоа беше се што тие сторија и МЗТ на крајот триумфираше со 78:71.
Најдобар на паркетот беше Тодор Гечевски со 27 поени и 10 скокови, Синовец постигна 11, а Лучиќ и Дејвис по 10 поени. Најефикасни во редовите на Будуќност беа Поповиќ и Чапин со по 14 поени.