МЗТ и Крка одиграа тврд натпревар со променлива игра, а на крајот Алеш Пипан со македонскиот шампион излезе како победник во дуелот со неговиот поранешен тим.
По израмнетата игра на почетокот, гостите од Словенија во втората четвртина успеаа да дојдат во водство кое на 2 минути пред крајот на полувремето изнесуваше +8 (31:39), но со фуриозна завршница и серија од 10:0, МЗТ на полувремето замина со предност од 41:39.
Во третиот период МЗТ дојде и до +11 (65:54), но кошаркарите на Крка бргу се вратија во игра и на крајот од оваа четвртина МЗТ водеше со 69:65.
Резултатската неизвесност продолжи и во последната четвртина, а гостите не му дозволуваа на МЗТ да направи поголема предност и на крајот македонскиот шампион славеше со 92:88.
Најефикасен на натпреварот беше Дамјан Стојановски со 26 поени и 7 скокови, а одличен натпревар одигра и Гечевски кој имаше учинок од 21 поен, 9 скокови и 2 блокади.
Следниот натпревар на МЗТ е веќе во вторник кога во Скопје гостува Цибона.