Страшен трипл-дабл на Јокиќ за последниот меч во 2024-та

Српскиот репрезентативец одигра неверојатна партија во победата на Денвер Нагетс 132:121 над Јута Џез. Покрај него маестрално играа уште и ветеранот Расел Вестбрук и Џамал Мареј.

Никола Јокиќ постигна 36 поени со 22 скока и 11 асистенции а да притоа немаше ниту еден фаул. Ова беше 13-ти трипл-дабл на Јокиќ во сезоната. Нагетс сега има 18 победи и 13 порази

Денвер никако не можеше да се одлепи резултатски во моментите кога Јокиќ одмораше на клупата па при секое враќање на паркет, екипата повторно пристојно се оддалечуваше.

Расел Вестбрук кој е инаку прв на вечната листа играчи со најмногу трипл-дабл учиноци синоќа запиша уште еден и го подобри својот рекорд. Вес постигна 16 поени без промашување од игра (7/7, 2/2 од слободни) со 10 скока и 10 асистенции.

Мајкл Портер уфрли 21 поен со шест асистенции а Џамал Мареј блескаше исто со 20 поени и 10 асистенции. Одлична вечер имаше и младиот Кристијан Браун со 20 поени.

Кај Џез Џордан Кларксон запиша 24 поени со пет скока а Колин Секстон беше втор најефикасен во екипата со 22 поени. Финецот Лаури Марканен стигна до 17 поени, а Вокер Кеслер имаше 12 поени и 13 скока.

31 декември 2024 - 08:31