Навивачите на Црвена Звезда, околу 400 луѓе, со три автобуси и неколку автомобили допатуваа во петокот во Истанбул. И покрај тоа што во салата имало доволно место за нив, турскиот клуб дозволил само 50 влезници, по што Делиите останале надвор од салата Абди Ипекчи. Турската полиција го спречила нивниот обид да влезат во салата, по што во хаосот бил активиран солзавец. Настанатиот метеж го искористиле побројните турски хулигани и со нож директно во срцето го боделе Марко Ивковиќ, кој искрварил до смрт.
Ивковиќ (25) е од Земун и беше член на подгрупата Бригате, една од водечките групации на северната трибина на Маракана. По пишувањата на навивачките форуми, може да се заклучи дека станува збор за еден од најредовните ултраси, кој ретко пропуштал да ја гледа Црвена Звезда. На форумот на Делиите стои само еден запис, во кој се бара воздржување од коментари околу настаните во Истанбул.
Српскиот конзул во Истанбул Зоран Марковиќ изјави дека 3 дена пред мечот предупредувал дека може да дојде до нереди, но никој не одговорил на неговите барања за поголемо обезбедување.
„Морам да признаам дека турските лекари лавовски се бореа цели 4 часа да го спасат навивачот, но поради обилно крварење, тој им подлегна на повредите", констатирал Марковиќ.
Утрово се огласи и српскиот премиер Александар Вучиќ, кој во телефонски разговор со турскиот колега Ахмет Давутоглу барал итно да се најдат извршителите на овој терористички чин.
„Пред еден месец, тројно повеќе навивачи на Бешикташ гостуваа во Белград и сè помина во најдобар ред. Им гарантиравме целосна безбедност и се покажавме како прави домаќини", изјави Вучиќ утрово.
Претседателот на Евролигата, Жорди Бартомеу остро ги осуди случувањата во Истанбул и побара од турската власт да им ги достави сите достапни информации за убиството на Марко Ивковиќ (25).
„Оваа трагедија го навредува правиот спортски дух. За насилството нема место во нашиот спорт, во нашите сали и нивната близина. Но се случува нешто спротивно", нагласи Бартомеу.
Во меѓувреме на адреса на кошаркарскиот клуб Црвена Звезда и навивачката група Делии стигнуваат телеграми за сочувство од целиот регион, па така свои телеграми испратиле и Торцида Сплит, Манијаци Сараево, како и навивачите на Бешикташ. Сочувство до семејството на убиениот Ивковиќ испрати и кошаркарот Давис Бертанс.
Синоќа веднаш по убиството, во центарот на Истанбул спонтано се собрале повеќе од 1000 луѓе кои палеле свеќи и положувале цвеќе на главниот градски плоштад. Денес од 13:00 часот, Звезда му гостува на Раднички во Крагуевац, а Делиите во голем број во гостинскиот не навиваат. Се слушаат само сканидрања за трагично настраданиот Марко Ивковиќ, а натпреварот почна со едноминутно молчење.