По играта поен за поен, екипата на Мега Визура за прв пат резултатски се одлепи во 7-та минута од првата четвртина кога поведе со 22:15. Маринковиќ и Симоновски во соло акции се обидоа да го одржат МЗТ во игра, но српскиот тим го затвори првиот квартал со позитива од 10 поени предност (25:15).
Иста слика и на почетокот од втората четвртина кога МЗТ Скопје беше во постојана резултатска негатива, а Мега Визура преку Јокиќ и Мареља отиде на +11 поени, предност која што до полувремето се зголеми на 41:28.
Стартот на второто полувреме донесе нешто подобра игра за аеродромци, кои успеаа да се вратат на само 5 поени разлика, пред сè со поените на Симоновски (2 тројки по ред) и успешниот скок во одбраната. Но тоа траеше само 2 минути, затоа што Мега Визура преку повремените репрезентативци на Србија, Милјеновиќ и Јокиќ повторно стекна високи 10 поени предност.
На 2 минути пред крајот од натпреварот, Ненад Зивчевиќ со тројка ја врати резултатската неизвесност (84:78), а веднаш по него Симоновски со три поени го донесе МЗТ на само 3 коша негатива. Мега Визура не искористи два напади по ред, а „металците" го казнија тоа и со трите слободни фрлања преку Цинцадзе прв пат во четвртината израмнија (84:84).
Скопјани имаа среќа и во последниот напад на Визура, која не погоди тројка на истекот на времето. Во продолженијата МЗТ немаше доволно сила да стигне до победата, и без Маринковиќ кој направи 5 лични грешки, Мега до триумфот (103:95) стигна после серија на поени од рекетот.
Марко Симоновски со 28 коша не беше доволен за прва победа во сезоната. Ефикасна вечер имаа уште и Грузиецот Цинцатзе со 15 и Урош Лучиќ со 13 коша. Во победничкиот тим, Јокиќ уфрли 27 поени, а Ненад Милјеновиќ 26.
Следното коло, МЗТ Скопје во вторник го дочекува хрватскиот Задар, во новата сала „Јане Сандански“, каде вечерва ракометарите на Вардар убедливо славеа против Чеховски Медведи.