Русинот Тимур Дибиров ја имаше таа чест да го постигне првиот гол во новата сала на Вардар. Раул Гонзалес на два дена пред мечот изјави дека има возбуда и нервоза пред инаугурацијата на „Јане Сандански“, но тоа на теренот се покажа како огромна мотивација за неговите избраници.
Црвено-црните за само 30 минути го торпедираа актуелниот руски ракометен првак и тоа со импозантни 24:12. Во играта функционираше буквално се`. Беспрекорно добар напад со многу контри, 7 одбрани на Штербик, 8 голови на Дибиров и 5 на Душебаев само во првиот дел од мечот.
Ракометарите на Чеховски Медведи беа тотално во аут и направија 11 грешки кои беа казните од нашите ракометари кои со високата предност во првото полувреме практично и си ја обезбедија победата.
Гонзалес во второто полувреме почна да го користи големиот фонт на играчи кој го има на клупата. Вардарци се опуштија и не го одржаа ритамот од првиот дел, а Русите успеаа да намалат најмногу на -8.
Одличната завршена работа на Штербик, во вториот дел ја продолжи Петар Ангелов кој им ја скрати серијата на гостите, а неговите колеги тоа го искористија и ја вратија двоцифрената предност.
Најефикасен на мечот беше Дибиров со осум гола, Душебаев постигна седум, а Стоилов и Шишкарев по пет. Штербик одбрани 9, а Ангелов 12 удари.
Следниот викенд прекрасната атмосфера во „Јане Сандански“ ќе ја почувствува германскиот претставник Рајне Нехар, натпревар кој ЕХФ го најави како дерби на колото.