Седум поени за Перо во драматичен пораз кај Денвер

Нашиот претставник во најквалитетното кошаркарско натпреварување го одигра за него рекордното време на паркетот и постигна најмногу поени до сега во НБА лигата, но Атланта Хокс забележаа минимален пораз на гостувањето кај Денвер Нагетс.

Екипата на Јута Џез е единствена без победа во НБА лигата откако Денвер Нагетс го забележаа првиот триумф оваа сезона и тоа против Атланта Хокс.

Кошаркарите на Атланта го презедоа водството во последната четвртина и имаа предност од осум поени, но домаќините направија голема серија и во последната минута поведоа со 107:102.

На седум секунди до крајот Денвер водеше со 109:107, а Атланта имаше напад за израмнување или победа, но Милсеп и Хорфорд промашија и резултатот остана непроменет.

Перо Антиќ одигра нешто повеќе од 20 минути за кои постигна две тројки од пет обиди, а реализираше и едно слободно фрлање. Тој оствари и четири скока, една асистенција и две блокади.

Во недела наутро во 1:30 часот по македонско време, Атланта ќе ја пречека екипата на Орландо Меџик.

Резултати:

Мајами - ЛА Клиперс 102:97
Хјустон - ЛА Лејкерс 98:99
Денвер - Атланта 109:107

8 ноември 2013 - 08:21