САД со четири центри на СП во Шпанија

Селекторот на кошаркарската репрезентација на САД, Мајк Крижевски го одреди списокот на играчи кои ќе настапат на Мундијалот кој почнува на 30. август.

Лилард, Хајвард, Парсонс и Корвер се кошаркарите кои отпаднаа од составот на Америка, која во Њујорк славеше против Порторико (112-86), на една од последните проверки пред Светското првенство во Шпанија.

Наместо предвидените 14, во авионот со кој кошаркарската репрезентација на САД ќе патува на Иберискиот полуостров ќе се најдат 12 играчи. Тоа е последната одлука на селекторот Крижевски.

Прилично изненадува одлуката на собирот на најдобрите светски селекции да не се појават Дамјан Лилард, Гордон Хајвард, Чандлер Парсонс и Кајл Корвер, играчи со офанзивни карактеристики.

Од шест центри во екипата, за очекување беше Крижевски со себе да поведе тројца, но на списокот се најдоа дури четворица.

Покрај Ентони Дејвис, центар кој има сигурно место во првиот состав, кошот на Дрим – тимот ќе го чуваат уште и Коузинс, Пламли и Драмонд.

Селекцијата на САД денес оди во Гран Канарија, каде на 26. август ќе ја има генералната проверка пред првенството, против репрезентацијата на Словенија.

Америка на Мундијалот е во групата Ц, каде за противници ќе ги има Финска (30. август), Турција (31. август), Нов Зеланд (2. септември), Доминиканска Република (3. септември) и Украина (4. септември).

Списокот на кошаркари на САД кои ќе патуваат во Шпанија: ДеМаркус Коузинс (Сакраменто), Стефон Кари (Голден Стејт), Ентони Дејвис (Пеликанс), ДеМар Дероузн (Торонто), Андре Драмонд (Детроит), Кенет Фарид (Денвер), Руди Геј (Сакраменто), Џејмс Харден (Хјустон), Кајри Ирвинг (Кливленд), Мејсон Пламли (Бруклин), Дерик Роуз (Чикаго) и Клај Томпсон (Голден Стејт).

23 август 2014 - 20:31