Иако солидно го отворија мечот и поведоа со 14:11, српските кошаркари беа свесни дека во еден момент ќе започне неизбежната серија на апсолутниот фаворит. САД не само што ја засили одбраната, туку во нападот го имаше вечерва расположениот Кевин Дурент кој со 23 поени во првиот дел го реши финалето.
Со поените на Калиниќ, Марковиќ и Теодосиќ Србите се обидуваа да „ја одложат“ серијата на САД, но кон крајот на првиот период следуваше пад кои Американците експресно го искористија, направија пресврт 19:15 а набрзо избегаа на 25:15.
Избраниците на Саша Ѓорѓевиќ кои во полуфиналето демонстрираа сила против Австралија немаа решение за новиот играч на Голден Стејт, Кевин Дурент кој погодуваше тројки, асистираше, крадеше топки и заедно со Казинс и Ирвинг го заклучија првиот дел со недостижни 52:29.
Во вториот дел „казнената експедиција“ на Мајк Кжижевски (рекордер со трето злато на Олимписките Игри заедно со Кармело Ентони) продолжија да го полнат кошот на Србија и предноста во еден момент изнесуваше страшни 40+ поени разлика.
До крајот САД малку намали гас и Србите го ублажија поразот со конечни 96:66. Со вечерашното злато во кошарка, САД на крајот освои вкупно 121 медал од кои 46 златни, 37 сребрени и 38 бронзени. Што се однесува до Србија, тие го освоија второто сребро после ОИ во Атланта кога исто така беа втори зад САД. Севкупно на целата Олимпијада, Србија имаше 103 спортисти од кои 54 се закитија со медал. 8 медали од кои 4 во тимски спортови (злато во машко ватерполо, сребро во машка кошарка, сребро во женска одбојка и бронза во женска кошарка).
За играч на натпреварот беше прогласен Кевин Дурент со 30 поени (10/19 од игра), 4 асистенции и 3 скока. ДеМаркус Казинс доминираше во рекетот со 13 поени и дури 15 скокови. Клеј Томпсон уфрли 12 поени, а кај Србите Немања Недовиќ стиггна до 14 поени. Милан Мачван додаде 11, Милош Теодосиќ 9 а по седум дадоа Богдан Богдановиќ (0/7 за три) и Мирослав Радуљица.
Порано вечерва, Шпанија го освои бронзениот медал во драматична завршница против Австралија 89:88. Најзаслужен за бронзениот медал беше Пау Гасол со 31 поен (12/15 од игра) со 7 скокови. Него најдобро го следеш Никола Миротиќ со 14 поени (3/3 за три), а 11 додаде Серхио „Чачо“ Родригез. Кај Австралијците Пети Мајлс постигна 30 поени (11/23 од игра).
Вечерва се затвораат Игрите во Рио, а следен домаќин ќе биде Токио во 2020. година кога во план се вкупно 33 спортови, пет повеќе од Рио де Жанеиро.