По стартниот пораз од Ангола, кошаркарската репрезентација на Македонија со високата победа над Нов Зеланд си го обезбеди пласманот во четвртфиналето на квалификацискиот турнир за Олимписките игри во Лондон. Со одигрувањето на последниот дуел денес во 17:30 часот помеѓу Нов Зеланд и Ангола, нашите кошаркари ќе дознаат од која позиција ќе преминат во четвртфиналето.
Во зависност од нашиот пласман во групата Д, ќе го добиеме и противникот од групата Ц. Од таму пласман во следната фаза обезбедија Русија и Доминиканска Република кои вечерва во 20:00 часот во нивниот меѓусебен дуел ќе одлучат кој ќе заврши на првата позиција.
Со победа на Ангола против Нов Зеланд, Македонија ќе биде второпласирана во група Д и во четвртфиналето ќе игра со подобриот од дуелот помеѓу Доминиканска Република и Русија.
Од групата А во четвртфиналето се пласираа Грција и Порторико, а во групата Б преостанува да се одигра уште дуелот помеѓу Литванија и Нигерија и со евентуална победа на Литванците тие заедно со домаќините ќе обезбедат пласман во следната фаза.
На предолимпискиот квалификациски турнир во Венецуела се натпреваруваат 12 репрезентации поделени во четири групи по три, а двете провопласирани од секоја група продолжуваат во четвртфинале. Победниците во четвртфиналето ги продолжуваат натпреварите во полуфиналето.
Победниците од полуфиналето се пласираат на Олимписките игри, додека поразените ќе имаат уште шанса преку натпреварот за трето место да се изборат за третиот билет од Каракас за Олимписките игри.