Македонските кошаркари повторно го одбираат потешкиот пат до славата. Со бледо издание кое ни по малку не потсеќаше на игрите од Литванија, со неагресивна одбрана, лоша реализација и мал број на скокови, Македонија загуби од Ангола со 88:84.
На патот до Олимписките игри во следното коло не очекува Нов Зеланд, но најверојатно и потешки противници при евентуален пласман во следните фази.
Македонија на стартот направи водство од пет разлика со поените на Самарџиски, Антиќ и Мекејлеб, но со мал пресврт Ангола поведе со 14:11 по пет минути игра. Перо Антиќ со својата втора тројка израмни на 17:17, но на три минути до крајот на првата четвртина Ангола направи предност од +6 (23:17). Анголците продолжи да ги служи шутот и по првата четвртина имаа предност од 11 поени (32:21).
Во првата четвртина Анголците имаа неверојатна реализација од 2/2 за еден поени, 6/7 за два и 6/9 за три поени.
На стартот од втората четвртина Мекејлеб искористи една намерна лична грешка на противникот и со шест поени за само 11 секунди намали на 32:27. Кошаркарите на Ангола продолжија со својата одлична реализација и дојдоа до водство од +17 (46:29) на четири минути до крајот на првото полувреме. На паузата помеѓу двете полувремиња Ангола замина со предност од 53:40.
По првото полувреме Ангола имаше реализација од 9/13 за три поени. На спротивната страна и шутот воопшто не ги послужи нашите кошаркари и покрај тоа што тие форсираа шутеви од далечина, наместо игра под кош каде што бевме доминантни со висина. Во првите две четвртини во нашите редови се истакнаа Мекејлеб со 12 и Антиќ со 10 поени.
На почетокот од второто полувреме Ангола ја врати предноста од +17 (57:40), но со мини серија од 8:0 Македонија намали на 57:48.
Во овој период конечно им тргна шутот и на нашите кошаркари и намалија на само шест разлика (61:55). Но Анголците бргу се вратија во игра и по третиот период имаа предност од 72:59.
Македонските репрезентативци конечно ја прикажаа посакуваната ангажираност и агресивност дури во последната четвртина. Предноста на Ангола постојано се намалуваше и на пет минути до крајот резултатот гласеше 76:72.
На две минути до крајот Гечевски намали на 80:78, што беше најава за неизвесна завршница. Сепак Ангола успеа да го задржи водството и на крајот славеше со 88:84.
Најефикасни во нашата репрезентација беа Мекејлеб со 21 поени и 5 асистенции, Антиќ со 17 поени, 6 скока и 2 украдени топки, а по 12 поени постигнаа Илиевски, Војдан Стојановски и Самарџиски. Во редовите на Ангола се истакнаа Мингаш со 24 и Сиприано со 23 поени.