За разлика од вчерашниот натпревар, денес нашите кошаркари одиграа многу поангажирано и поагресивно, со подобра игра во одбраната. Оваа игра против недораснатиот противник вроди плод уште на самиот старт кога со поените од Илиевски, Антиќ и Мекејлеб, Македонија поведе со 9:0.
Нашите кошаркари продолжија да ја заголемуваат предноста која на моменти достигна и до 17 поени, а по првата четвртина резултатот гласеше 26:11.
Во втората четвртина нашите кошаркари ја одржуваа предноста и на полувремето заминаа со предност од 44:31.
Антиќ со 15 поени и 6 скока и Мекејлеб со 13 поени и 7 асистенции беа најефикасни во нашите редови во текот на првото полувреме.
Водството на нашата репрезентација во третата четвртина достигна до +18 (53:35), но следеше голем пад во играта што кошаркарите на Нов Зеланд го искористија и намалија на 60:48.
Со серија од 12:0 на стартот од последната четвртина Македонија стигна до преност од +21 (72:51). Водството на три минути до крајот достигна и до +25 (80:55), а на крајот Македонија славеше со 84:62.
Најефикасен во нашите редови беше Лестер Бо Мекејлеб со 23 поени, 11 асистенции и 3 украдени топки, а дабл-дабл учинок оствари и капитенот Перо Антиќ со 17 поени и 10 скокови. Гечевски уфрли 16 поени, а Илиевски и Војдан Стојановски по 9. Единствен со двоцифрен број на поени кај Нов Зеланд беше Плеџер со 11 поени.