Македонската кошаркарска репрезентација играше одлични воведни 10 минути на гостувањето против Белгија и со добра организација во одбраната не му дозволи на домаќинот лесно да поентира од рекет. На стартот имавме водство од 3:9, но Белгија со пресврт оствари предност во првата четвртина од 12:11.
Нашите кошаркари продолжија со истата игра и во вториот период, но почнаа да губат многу топки. Белгијците повеќе притискаа, а го подобрија и процентот во ударите за три поени и со тоа успеаа да се одлепат на полувреме со највисоки 10 поени разлика.
Во третиот период се разигра Хендрикс кој постигна 7 поени во низа со што ја спушти Македонија на -4, но избраниците на Џикиќ повторно правеа грешки во додавања, а Белгија ја врати двоцифрената предност.
Нашиот национален тим не се предаваше во последните 10 минути и покрај тоа што судиите им беа наклонети на домаќините. Симоновски и Костовски не вратија резултатски и со две тројки намалија на -3, а нешто подоцна Војдан Стојановски поентираше за -1.
Белгијците се обидуваа да се одлепат на крајот, но неизвесноста траеше до последните мигови од средбата кога при резултат 63:60, Симоновски не успеа да реализира од голема далечина.
Дабл дабл учинок оствари Хендрикс со 14 поени и 14 скокови, а Марко Симоновски запиша 11 коша.
Последните две средби против Данска и Белорусија, Македонија ги игра на домашен терен на 24. и 27 август, а за сигурен пласман на ЕП 2015 ќе мора да ги победи и двете.