Грег Поповиќ важи за еден од најомилените ликови во американската спортска јавност. Иако тој и тренерот на Голден Стејт Стив Кер се големи ривали на паркетот, овој вториот вели дека Поповиќ би бил многу добар претседател на САД.
„Без задршка би гласал за Поп. Би бил сјаен претседател. Ги слушнав зафрканциите дека Поп ќе се кандидира за претседател, но јас навистина би гласал за него. Искреноста и интегритетот се клучни елементи кои личноста која сака да стане претседател мора да ги поседува а тие вредности би ни ги донел Поп“, вели тренерот на актуелниот шампион во НБА.
Голден Стејт е уште еден од спортските колективи кои не се согласува со претседателот Доналд Трамп кој неодамна ја откажа поканата за ручек во Белата Куќа за НБА шампионот, традиционален ритуал во Вашингтон со децении.
„Поп е сјаен за НБА лигата и веројатно би бил уште подобар за нашата земја“, вели најдобриот кошаркар на шампионот, Стеф Кари.
Поповиќ и Кер се едни од најгласните критичари на американскиот претседател Трамп а посебно се истакнаа со своите изјави на сметка на антимигрантските мерки на новиот шеф на САД.