Почнува НБА шоуто, што треба да знаеме за новата сезона

Изминатото лето беше едно од најтурбулентните во НБА во последните неколку децении. Не само тимовите, туку и лигата доживеа големи промени.

Ако веднаш по крајот на Game 5 меѓу Голден Стејт Вориорс и Кливленд Кавалирс се исклучивте од случувањата во НБА и не следевте што се случува во последните 127 дена, сега е време да дознаете каква ќе биде новата сезона во најдобрата кошаркарска лига на светот. Со дуелите Кливленд - Бостон и Голден Стејт - Хјустон во ноќта меѓу вторник и среда започнува новата сезона во НБА, 72-ра по ред.

По интересната пауза меѓу натпреварувачките години и еден куп трејдови, и управата на НБА лигата реши да направи некои структурални промени.

Адам Силвер, комесарот на лигата донесе вкупно шест измени. Намерното изнудување фаули и намерното губење натпревари со цел на крајот да се дојде во позиција да се одбере подобар пик на Драфтот им правеа многу неволји на водечките луѓе во НБА. Тоа веќе е минато.

Се воведоа и правилата „Заза“ и „Харден“, а најлошиот учинок веќе нема по автоматизам да значи дека имате најголеми шанси да стигнете до најдобриот млад играч на светот во даден момент (Филаделфија во изминатите 5-6 сезони губеше каде стигне со цел да ги собере најголемите таленти до Драфтот и ги собра).

Заза Пачулија, Грузиецот против кој нашата репрезентација играше на ЕП 2015 во Загреб, важи за еден од најгрубите кошаркари во НБА а Џејмс Харден го сметаат за еден од „најнежните“ кого судиите премногу го толерираа. Токму поради нив двајца се наречени и новите правила во кои судиите посебно ќе ги гледаат повторените снимки.

Нема веќе „ќе го одмораме да се чува од повреда“

НБА се реши и на измена во новиот распоред на натпревари а со цел да ги оневозможи екипите преку сезоната одвреме-навреме да ги одмораат најголемите суперѕвезди. Некои навивачи често ги критикуваа тимовите што не ги ставаат своите најголеми ѕвезди а тие платиле карта да ги гледаат. Франшизите се правдаа дека поради згуснатиот календар не смеат да ризикуваат повреди на клучните кошаркари пред Плејофот.

Егикипте сега веќе нема да можат да се вадат на тоа затоа што НБА ја продолжи сезоната која почнува порано - на 17. октомври па веќе нема да има пеколна серија од 18 дуели за 30 дена како лани. Исто така и серијата од пет меча за седум дена (лани имаше 90 вакви меча) веќе е прекината. Сега ќе има само 40 а бројот на дуели „ден за ден“ е намален за околу 10%.

Интересно видување на темава имаше и легендарниот Чарлс Баркли:

„Кутрите бебиња не можат да играат ден за ден. Заработуваат по 20, 30, 40 милиони долари годишно а ние сакаме да им угодиме. Не сме смееле да ги преоптеретуваме. Затоа ќе им олесниме. Приватни авиони и хотели со четири ѕвезди не се доволни“

Од таа причина НБА лигата им забрани на најголемите ѕвезди да одмораат на гостувањата. Новото правило гласи дека ѕверките како Леброн, Харден, Дурент, Кари и другите ќе можат да одмораат само во својата сала а не на гости.

Драстична промена е направена и во тн. "two way" договори

Од ова лето екипите ќе можат да имаат двајца играчи со „двонасочен договор“. Тоа ќе бидат кошаркари кои ќе играат во развојната лига, но по потреба ќе можат да влезат во НБА франшизите во случај да имаат повредени играчи.

Но играчите со вакви договори ќе можат во НБА да минат 45 дена (надвор од Г лигата). Доколку го пробијат овој рок, кошаркарот или потпишува официјален договор или станува слободен играч. На клубовите им е дозволено во составот да имаат по 15 кошаркари, но со ова правило сега ќе се прошират на 17 со тоа што играчите со „двонасочен договор“ не се набројуваат во 15-те.

Лигата се реши и да ја укине серијата од 18 меча за 30 дена и четири во пет ноќи. 

Традиционалниот облик на Ол-Стар мечот веќе нема да го гледаме како досега затоа што доживеа промени. За нив повеќе тука.

Како помина Драфтот?

Какои секогаш, ноќта на Драфтот го означува преминот од старата во нова сезона. Најголема вест беше дека Филаделфија 76’ерс го избраа Маркел Фулц како прв пик на Драфтот, право кое го добија од Бостон Селтикс.

ЛА Лејкерс се одлучија за пикот 2, Лонцо Бол, еден од 16-те кошаркари кои директно преминале во НБА после само една сезона на Колеџ.

НАЈГОЛЕМИ ТРАНСФЕРИ ЛЕТОВО:

Крис Пол во Хјустон Рокетс

Откако не успеа да се договори со Клиперс, суперѕвездата замина кај Џејмс Харден во Хјустон. Во спротивен правец во Лос Анџелес како дел од трампата дојдоа Патрик Беверли, Лу Вилијамс, Сем Декер и Монтрези Харел.

Џими Батлер во Минесота Тимбервулвс

Во новата сезона веќе нема да го гледате Џими Батлер во дресот на Чикаго Булс затоа што ќе игра за Минесота кај неговиот поранешен тренер Том Тибодо. Во замена за него Минесота ги даде Зак ЛаВин, Крис Дан и правата на фантастичниот Финец Лаури Марканен.

Пол Џорџ во Оклахома Сити Тандер

Голем „земјотрес“ во лигата направи и преминот на Пол Џорџ, ѕвездата на Индијана Пејсерс во Оклахома Сити Тандер. Ова беше најозборуван трансфер затоа што Пејсерс во замена ги добија Виктор Оладипо и Домантас Сабонис за кои јавноста сметаат дека не се доволни да го надоместат заминувањето на PG13.

Двејн Вејд и Дерик Роуз во Кливленд

На страна трампата на Ирвинг, вицешампионот Кливленд имаше бурно лето и се засили со Дерик Роуз и Двејн Вејд, „децата на Чикаго“ кои ќе се обидат да му помогнат на Леброн да освои уште една титула.

Гордон Хајвард во Бостон Селтикс

Слободниот агент кој речиси целата кариера ја помина во Јута Џез реши да замине на Источниот брег каде повторно ќе соработува со тренерот од колеџот, Бред Стивенс. Но Селтикс не застанаа тука.

Ирвинг во Бостон, Томас во Кливленд

Кога сите мислеа дека страстите на трансфер маркетот се смирија, Бостон и Кливленд направија бум! Кајри Ирвинг го напушти Леброн и од Кливленд отиде во Бостон во замена за Ајзеа Томас, Џае Краудер, Анте Жижиќ и првиот избор на Бруклин Нетс на Драфтот 2018.

Кари и Дурент обновија договори со Голден Стејт

Додека сите други менуваа драстично, актуелниот шампион реши да го задржи костурот кој им донесе шампионско славје: Стефон Кари стана најплатен играч во историјата а Кевин Дурент го продолжи договорот на нови две години со зголемување на платата од речиси 10 милиони долари.

Нови играчи кај Голден Стејт се Ник Јанг, Омри Каспи и рукито Џордан Бел.

Кармело Ентони во Оклахома Сити Тандер

На месец дена пред трампата Ирвинг-Томас, Оклахома Сити Тандер го донесе Кармело Ентони за кого во замена Њујорк Никс ги доби Енес Кантер, Даг МекДермот и втор пик на Драфтот следната година

Други важни трансфери:

Д’Анџело Расел е новиот лидер на Бруклин Нетс, Пол Милсам е нова ѕвезда на Денвер Нагетс, Рики Рубио ќе игра за Јута Џез а Србите Милош Теодосиќ и Богдан Богдановиќ ќе играат во Калифорнија: првиот во ЛА Клиперс а вториот во Сакраменто Кингс. Ејвери Бредли заврши во Детроит Пистонс а Раџон Рондо ќе игра за Њу Орлеанс Пеликанс.