Истокот и Западот на Ол стар игрите одат во историјата

Иако со години бевме научени главниот натпревар на НБА Ол стар игрите да го гледаме помеѓу Источна и Западна конференција, повеќе нема да се вика така. НБА ги најави новите промени за кои се залагал и Мајкл Џордан.

НБА Ол стар игрите од оваа сезона ќе го менува форматот, а тоа значи дека место екипите да бидат поделени на Исток и Запад, тие ќе ги бираат капитените.
 
Двајцата кошаркари со остварени најголем број на гласови ќе бидат капитени на двата тима и потоа тие ќе ги бираат играчите без разлика во која конференција настапуваат.
 
Инаку гласањето за учесниците на Ол стар игрите останува исто. Ќе има по 12 играчи од двете конференции за кои ќе гласаат навивачите (50%), играчите (25%) и новинарите (25%). Петмина ќе бидат избрани во првата петорка, а другите седум како резерви.
 
Времето и деталите за нацртот на Ол стар игрите се уште не се утврдени, но ќе бидат познати пред Ол стар викендов кој е закажан за на 18 февруари во Лос Анџелес. Стартните петорки ќе бидат објавени на 18 јануари, а резервите на 23-ти.
 
Минатата сезона најголем број на гласови од Источната конференција доби Леброн Џејмс, а од Западната Стефон Кари. Гласањето ќе почне на Божиќ.
 
Што се однесува до тренерите, тие ќе бидат бирани исто како претходно. Тренерите со најдобри резултати на две недели пред мечот, ќе имаат можност да ги водат екипите избрани од капитените. Тоа нема да бидат Стив Кер од Ворирос и Бред Стивенс од Селтикс бидејќи беа избрани минатата сезона.

Инаку на следните Ол Стар игри секој тим ќе треба да избере добротворна организација од Лос Анџелес или САД во која ќе бидат насочени донациите.
 
Овие промени се дел од заедничките напори на лигата и сојузот на играчите и нивниот претседател Крис Пол, за кои се разговарало изминативе неколку години.
„Јас сум воодушевен од она што го направија играчите и лигата за да ги подобриме Ол Стар игрите кои ни беа приоритет. Со нетрпение го очекувам забавното шоу во Лос Анџелес“, изјави Пол.
Револуцијата на Ол Стар игрите е дел од пакетот промени кои ги направи НБА оваа сезона. Другите промени се однесуваат во правењето распоред и измени во правилата за да се намали бројот на играчите кои отствуваат поради замор, како и намалување на тајмаутите за да се забрзаат ситуации на крајот на натпреварите.
 
Инаку сопственикот на Хорнетс, Мајкл Џордан, како претседател на одборот за работни односи на сопствениците, беше силно вклучен во правењето промени во НБА лигата.
4 октомври 2017 - 12:59