Патот и предвремениот талент на новиот шериф на Милано, Ненад Димитријевиќ

Нено ја напуштил Македонија на 14 години. Семејството, идолот Теодосиќ, пин-ен-рол играта, алтернативите, бумот во Шпанија. Сè за ѕвездата на Олимпија, растена со леб и топка на улиците во родната Македонија.

Олимпија Милано има нов шериф. Неговото име е Ненад Димитријевиќ, пишува Газета дело Спорт за лидерот на македонската кошаркарска репрезентација. На само два натпревари, оние во Суперкупот, веќе ја покажа својата значка на плејмејкер со одлични офанзивни способности.

Познат по својот прекар Нено, пристигна под наредба на тренерот Еторе Месина како дел од длабоката стратегија за подмладување и е повикан да го води обновувањето на тимот. 

Не му недостига талент за да го направи тоа. Димитријевиќ е пораснат со леб и топка на улиците во родната Македонија и зад себе има осум години професионално играње. Но, ако авантурите во Шпанија и Русија ги мина најмногу како перспективен средношколец, сега е подготвен да го преземе Милано.

Баскет и само баскет

Лесно е да се разбере како Димитријевиќ станал кошаркар. Неговото семејство одело со тапкање топка и кога требало да фрлат хартија во канта, наместо да ја искинат, тие правеле топка од нејзе. Неговиот татко Саша е тренер и раководител на академијата Јуниор Фруктал, лоцирана во Македонија. Таму е еден вид легенда. И мајка му и сестра му биле кошаркарки. 

„Се сеќавам дека отсекогаш бев со топката во моите раце. Ние сме семејство на кошаркари и за мене тоа беше љубов на прв поглед. Сфатив дека ќе станам кошаркар кога имав 3 или 4 години“, вели Димитријевиќ.

Нено брзо пораснал, на 10 години смело се соочувал со неколку години постари момчиња и неговите квалитети набрзо почнале да привлекуваат внимание.

„Играв со македонската репрезентација на турнир до 14 години. Клубот Хувентут Бадалона имаше свои тренери и затоа што самата Шпанија играше во натпреварувањето. Во одреден момент бев контактиран од неколку од нив, кои следната година ме поканија да играм турнир со нивниот тим. Играв добро и ме прашаа дали сакам да одам кај нив. Следната година се преселив во Шпанија на 14 години".

Кралот Милош

Скокот од Македонија до Бадалона не течел како мед и млеко, бидејќи Нено наишол на поинаква игра од неговата. 

„Бев изненаден затоа што во мојата родна земја играв пик-ен-рол од самиот почеток. Кога пристигнав во Шпанија, овој систем не постоеше. Сè беше еден на еден, создававање простор и многу трчање. Но, оваа промена ја видов како можност да се подобрам, да додадам нешто на моите вештини, да бидам покреативен и да играм без топка“. 

Но, Бадалона, повеќе од сè, му дала можност да се соочи со својот идол Милош Теодосиќ. Димитријевиќ, како што вели и самиот, се заљубил во него за време на СП 2010 година кога Шпанија и Србија играле во полуфинале.

На 5 секунди до крај, при резултат 89-89, Теодосиќ лансира тројка недалеку од логото и погодува без коски. Шпанците некако се обидуваат да направат нешто со последниот напад, но ја губат топката. Тие моменти, 12 годишниот Нено ги гледал на тв.

„Тој момент, тој победнички кош на крајот од десет метри го направи мојот омилен играч. Од тогаш никогаш не престанав да го следам“.

Двајцата потоа се соочија два пати во Еврокупот во 2021 година. И двете соочувања ги доби српската ѕвезда во дресот на Виртус Болоња.

Димитријевиќ на тие средби добил мала минутажа, но сепак успеал да постигне неколку поени и да направи неколку асистенции. 

Тоа му било можност да застана рамо до рамо до својот идол, а за тоа сведочи фотографијата објавена на неговиот Инстаграм профил.

Руско воскресение

Димитријевиќ играше пет години на професионално ниво со Хувентут Бадалона, од 2016 до 2021 година. Годините на постојан раст му го донесоа повикот од Валенсија, екипа која на хартија е супериорна. Но, транзицијата се претвори во кошмар. 

Нено често беше сопрен од повреди, вклучително и скинат мускул на тетивата, поради тоа не играше скоро два месеци. Валенсија немаше добра сезона и на крајот го сменија тренерот. 

Бидејќи на лошите работи понекогаш се случува да им нема крај, заменикот Алекс Мумбру решил да не го пушта во игра бидејќи не му се поклопувал во плановите. Така Нено го напуштил клубот по само една година и завршил во Казан, Русија. Таму му се случува преродба. 

Тренерот Велимир Перасовиќ, кој има освоено три пати Евролига како играч и еден Еврокуп како тренер, го вратил во игра, ослободувајќи го од сите товари и оставајќи го да игра најдобро што знае. 

„Тој ми дозволи да бидам свој“, рече македонскиот плејмејкер, нагласувајќи го влијанието на новиот тренер. 

И резултатите беа видливи. Македонецот повторно почна да управува со лавина поседи, понекогаш наоѓајќи ги соиграчите слободни да одат до кошот, а понекогаш создавајќи простор за шутирање. 

Статистиката порасна до тој степен што 2022/2023 накратко стана најдобра сезона во неговата кариера со 11,4 поени и 5,7 асистенции во просек.

Перасовиќ и Димитријевиќ испишаа историја освојувајќи ја првата шампионска титула на клубот, победувајќи го Локомотив Кубан без премногу тешкотии со 4:1 во финалната серија. Нено ја пронајде славата освојувајќи ја наградата МВП на плејофот. 

Последната сезона пред пристигнувањето во Милан беше онаа во која стигна потврдата и се случи дефинитивната експлозија. Сезона како вистински лидер, благодарение на стратегијата на Перасовиќ која целосно му ја довери лидерската улога, во која со неговиот инстинкт оствари статус на убиец кој се гледа во просекот од 19 поени (+7,6 во однос на претходната година) и шут од поле од 45,5 на 53%. Сезона во која ја освои наградата за најдобар играч на првенството. 

„Многу сум горд на она што го направивме, создадовме посебни спомени за секого, изградив врски кои нема да престанат. Ова беа две незаборавни години“, вели Нено кога и денес се навраќа наназад. 

Но, телото и душата се свртени кон иднината, кон тој евролигашки сон што го негувал како дете: 

„Во 2010 година отидов да го гледам плејоф мечот број 4 меѓу Партизан и Макаби. Имав морници, тоа беше најубавиот меч што сум го гледал. Едвај чекам да играм на ова натпреварување“. 

Олимпија е вистинското место за да се направи дополнителен скок во квалитетот, тестирајќи се во средина со поуспешни од претходните и да се остварат нови цели. Шерифот е подготвен да се огласи во градот.

Виа

2 октомври 2024 - 15:32