Дончиќ е роден на 28. февруари 1999. година во Љубљана. Член е на Реал Мадрид од декември 2011. година кога во „кралскиот“ клуб доаѓа на само 11 години. За него, легендите на шпанската кошарка и најдобрите кошаркари во Евролигата велат дека е толку срамежлив ден денес на тренинзите што ретко кога прозборува. Од друга страна работи вредно и веќе се промовира во нов лидер на најтрофејниот европски кошаркарски колектив.
Дончиќ важи за еден од најголемите таленти во европската кошарка, а на 30. април минатата година стана најмладиот кошаркар во историјата на шпанската кошаркарска АЦБ лига кога дебитираше со само 16 години, 2 месеци и 2 дена.
Годинава веќе два пати се закити со наградата најдобар играч на колото, а блесна против Фуенлабрада во 11. коло од шпанското првенство со неверојатни 23 коша и 11 скока.
Дончиќ синоќа во Евролигата, против Жалгирис во последните 90 секунди при резултат 86:86 реши да ја преземе одговорноста и постигна две неверојатни тројки за победа на Реал на крајот од 96:91. Мечот го заврши со дури 17 коша и по 4 скока и асистенции. Го прогласија за играч на дуелот.
За разлика од неколку негови претходници кои доаѓаа од Балканот а на крајот прифатија да играат за репрезентацијата на Шпанија, Лука Дончиќ гордо одлучил да игра за својата земја а не за Шпанците.