Никола Јокиќ е МВП!

За најдобар кошаркар на регуларниот дел од сезоната во НБА е избран центарот на Денвер Нагетс кој заслужено ја добива наградата во силна конкуренција со Стеф Кари и Жоел Ембид.

Информацијата дека Никола Јокиќ е избран за МВП прв ја пренесе Шемс Чараниа, комесарот на лигата Адам Силвер ја официјализираше, а НБА лигата деновиве ќе му ја врачи наградата на Јокиќ.

На тој начин Никола стана првиот кошаркар од регионов кој станал МВП на НБА лигата.

Србинот е само шести странец во долгата историја на НБА кој може да се пофали со ова најголемо признание. Пред него од Европа МВП станаа Дирк Новицки и Јанис Антетокумпо (Грција, со потекло од Нигерија), а кошаркари родени надвор од САД коишто станаа МВП беа уште само Хаким Олајџувон од Нигерија, Стив Неш (роден во Јужна Африка) и Тим Данкан роден на Вирџинските Острови кои спаѓаат под САД.

Српскиот репрезентативец играше без застој цела сезона. Се појави на буквално сите 72 меча на Денвер и во просек бележеше по 26,4 поени, 10,8 скока и 8,3 асистенции. Од игра процентот му беше 56%, за три поени 38,8% а од слободни фрлања 86,6%.

Интересно, Никола Јокиќ е првиот најниско рангиран МВП во историјата на НБА зошто тој на драфтот во 2014-та година беше пик 41.

Притоа харизматичниот миленик на навивачите на Денвер Нагетс е првиот центар после Шекил О’Нил кој станал МВП (Шек го бираа во 2000-та), а исто е и прв кошаркар уште од 2008-ма со МВП награда кој ја одиграл секоја средба (претходно Коби Брајант ги запиша сите настапи за Лејкерс пред да стане МВП во 2008).

Сезонава Јокиќ е во Топ5 на НБА лигата според најважните параметри: поени, скокови и асистенции.

КАКО РЕАГИРАШЕ ЈОКИЌ КОГА ЈА СЛУШНА ВЕСТА ДЕКА Е МВП

Инаку МВП во Европа сезонава, во Евролига е избран Василије Мициќ, во Еврокуп Милош Теодосиќ, а во балканската регионална АБА лига Иван Петрушев, сите репрезентативни колеги од селекцијата на Србија.