Кевин Дурент е МВП за сезонава 2016/2017. Беше најдобар играч во финалната серија Голден Стејт - Кливленд и заслужено радоста ја сподели прво со мајка му. Кога пред три сезони ја доби наградата, Дурент раскажа колку тешко живееле во минатото и дека мајка му е МВП. Говорот е стар, но вреди редовно да се слушне.
„Не знам дали знаеш што направи (низ солзи и се обрати на мајка му). На 18 години го доби брат ми. Три години подоцна стигнав и јас. Сè беше против нас; самохран родител на 21 година со две машки деца.
Сите ни зборуваа дека место за нас нема. Сами се селевме од стан во стан. Едно од најубавите сеќавања што ги имам е кога се преселивме во првиот стан. Немаше кревет, немаше мебел а ние тројца застанавме во дневната соба и се гушнавме затоа што сфативме дека сме успеале. Кога нешто добро ќе ти се случи, не знам за вас дечки, но јас секогаш погледнувам зад мене да видам што ме донесе до тука. Ме будевте среде ноќ во лето да трчам по ридот, да правам стомачни и склекови, викавте по мене од страна кога играв на 8 или 9 години. Ние не бевме предодредени да бидеме овде. Ти направи да веруваме. Нè тргна од улицата, нè облече, нè нахрани. Не јадеше, за ние да јадеме. Легнуваше гладна, се жртвуваше за нас. Ти си правиот МВП мамо“.