Домашниот Металац добро го почна натпреварот и водеше по првите десет минути 20:16. Во втората четвртина, МЗТ заигра подобра одбрана и прими пет помалку поени од првиот квартал, по што на полувремето замина со предност 31:37.
Предводени од Протиќ и од гласната домашна публика, српскиот клуб го врати водството од пет поени 51:46, но Скопјани успеаа да се вратат резултатски и третиот период да го затворат 53:53. По изедначената игра на двете страни, Металац за првпат во последната четвртина поведе со четири поени позитива 66:62.
Тренерот Јончевски повика тајм аут, по што следуваа поените на Стефан Синовец и МЗТ се врати на два поени негатива 66:64. Јевтовиќ имаше прилика да го затвори натпреварот, но погоди само едно од двете слободни фрлања и МЗТ мораше да погоди тројка за да се врати во натпреварот. Токму тоа му тргна од рака на Урош Лучиќ кој на 12 секунди пред крајот погоди од надворешната линија и израмни 67:67.
Последниот напад го имаше херојот на Металац вечерва, Протиќ кој погоди во последните моменти и Металац славеше 69:67. Натпреварот со дабл-дабл учинок го одбележи Предраг Самарџиски, во најдобриот натпревар за него откако се врати во Скопје. Самарџиски го заврши натпреварот со 20 поени и 20 скокови и две асистенции. Шеховиќ и Цветковиќ уфрлија по осум поени. Во Металац, Протиќ беше најефикасен со 21 поен, пет скокови и три асистенции.
МЗТ Скопје во моментов има учинок 6-15, а Металац 10-11. „Штрковите“ се претпоследни на табелата, на која фенерот го држи Левски Софија, кој вечерва убедливо загуби од Партизан во Белград. Следниот натпревар, избраниците на Алек Јончевски го играат против Игокеа на 15. февруари во 19:00 часот, во Јане Сандански.