МЗТ повторно немоќен против Звезда

Актуелниот македонски првак тешко се носеше со силната Црвена Звезда и на гостувањето во Белград загуби со 87:72 во 19 коло од регионалната АБА лига.

Македонскиот претставник на меѓународната кошаркарска сцена немаше сили да му спротистави на фаворитот на натпреварот. Најголемиот проблем беше слабата одбрана на „Металците" кои примија дури 60 коша во првото полувреме.

Првата четвртина домаќините го добија со 26:20, но покрај слабата одбрана кошаркарите на МЗТ направија и премногу технички грешки, со што на 2 минути до крајот на првиот дел имаа негатива од 16 поени разлика.

Конфузијата во нашата одбрана домаќините ја искористија максимално и успеаа за само 2 минути да постигнат уште 10 поени. Со звукот на сирената Србите погодија тројка за огромна предност на паузата од 60:38. Згора на се по само 11 минути игра, поради повреда мечот го напушти Дамјан Стојановски.

Настаните на паркетот не се сменија драстично ниту во третиот период. „Црвено белите" го диктираа темпото на мечот и ја одржуваа високата предност која од +22 на полувремето, се стопи на +14. Третиот период заврши 74:60.

Неизвесна кошарка немаше ниту во последната четвртина во која домаќините ниту за момент не ја прокоцкаа двоцифрената предност. Голем малер беа и двете повреди во таборот на МЗТ, во самиот финиш на мечот. Урош Николиќ го повреди скочниот зглоб, а поради грчеви во мускулот на крајот излезе и Тодор Гечевски.

Најпрецизен играч на натпреварот беше Ракочевиќ со 25 поени, додека Катиќ уфрли 14. Кај МЗТ Скопје Гечевски беше најдобар поединец со 12 поени и 7 скока, Чековски уфрли 11, а Дамјан Стојановски 10 коша.

На 2 февруари во салата „Борис Трајковски" МЗТ Скопје Аеродром го пречекува тимот на Унион Олимпија.

27 јануари 2013 - 20:48