Бев на слава и се убедував пред да отидам да бидам умерен во пиењето утре е Понеделник. И сè си одеше по план додека не прочитав едно Инста Стори - RIP Kobe! Отворив да се осигурам и тука почна мојата мала емоционална драма. Тоа е таков момент што тешко можеш да го опишеш на некој што нема доживеано нешто слично.
Да, им кажав на колегите дека имав чувство како да ми загинал некој најблизок. Тоа е онаа емоција кога низ главата ти поминуваат спомени во траење од 20 години. Слично како на рулет каде топчето се успорува на некој од важните моменти на легендата, и на крај застанува на 26.01.2020.
Ах спомени…
За мене го донесе у маало еден интересен лик - Орце. Игравме баскет 3 на 3 и Орце знаеше стално да направи една финта од Коби што никој не ја можеше. Ја секогаш играв плеј у тимот на Орце, па знаевме да се викаме меѓусебе Коби.
2000-та добив наградно патување за Париз. Бев со мајка ми. И ја ,,удавив” со барањата да ми купи дрес од идолот. Нормално успеав после 5 дена молби. Ја добив ОСУМКАТА шо никој у градот ја немаше у тоа време. Беше хит - само шо завршувавме осмолетка. Ја нормлано слабичок, морав да ја носам со бела маица одоздола.
Бевме на посета у едно школо у Париз, а ја редовно гледав хајлајтс од Лејкерс. Нормално ради Коби. Избегав од еден час и отидов на игралиштето со дресот на мене. 20 пати ја пробав таа соло акција. Коби против Bruce Bowen (San Antonio Spurs) - централно спрема кошот на линијата за тројка. Левата нога статична, со десната два пати лажњак како демек ќе оди на влез и на крај скок од место и тројка. Успеав после 20 пати да ја погодам таа тројка.
Таа 2000-та почна династијата на Коби и Шек. Три пати по ред освоија титула и на незадоволство на многу МК фанови Лејкерси доминаираа во тој период. 2004 ги запреа Пистонс во момент кога двојката сакаше да им донесе прстен на ветерантите Пејтон и Мелоун. Коби и Шек се скараа и се разделија.
Коби чекаше до 2009 и освои нови два прстена. Посебно инспиративен беше оној против Бостон Селтикс од 2010 овојпат без товар на грб со Гасол, Одом, Рон Артест, Саша Вујачиќ… Мајсторката против Селтикс ја реши Артест и смирената рака на Саша Вујачиќ.
Периодот измеѓу првите 3 титули и последните 2 беше доста турбулентен. Коби на моменти претеруваше со себичност и знаеше да даде над 50 коша, а Лејкерс да губат. На почеток на 2006 се случи еден епски момент. Коби даде 81 кош против Репторс. Од тој натпревар научив што значи - ,,Тие што купиле карти за Лејкерс - Репторс, не згрешиле”. Ја таков момент доживеав у 2010 на Камп Ноу.
После 2010 Лејкерс на Коби се мачеа да влезат у плеј-оф за на крај да се пензионира у 2016. На каков начин? Даде 60 коша против Јута Џез за да сврти 10 поени негатива у победа за само 5 преостанати минути. Не можеше кралот да се пензионира со пораз.
И ден денеска се дешава да изгледам некое рандом клипче за Коби. Човекот беше мој спортски херој и субјективно го гледав како најдобар на сите времиња. Знаеше да биде себичен ама сепак имаше победничка крв. Дури и на егзибициски мечеви (All-Stars) доаѓаше да ги победи колегите.
Некои соиграчи сведочеа дека знаел да шутира и по 1000 шута пред важни утакмици. Му се исплатеше - имаше над 20 решени мечеви во кариерата со звук на сирената.
И сега се враќам на славата кајшто ја дознав грозната вест. Коби замина, ама па имаме новороденче на колега. Еден шампион го заврши патот. Којзнае, веројатно добивме шампионче од Македонија кое за 20тина години ќе жари и пали како информатичар. За Коби Брајант сум сигурен дека останува легенда. R.I.P. Kobe Bryant!