Лука Дончиќ претставен во ЛА Лејкерс, па од клупата го гледаше својот нов тим

Лејкерс го претстави Лука Дончиќ а суперѕвездата на промоцијата во новиот клуб изјави дека и тој бил шокиран како и целиот кошаркарски свет по трампата која ја иницирал неговиот Далас Маверикс.

Вечерта пред големото градско дерби ЛА Лејкерс - ЛА Клиперс кое Лејкерс го добија убедливо 122-87, Лука Дончиќ беше претставен пред новинарите а потоа се појави и во салата и во опрема седна на клупата за резерви кај ЛА Лејкерс.

Дончиќ е повреден веќе извесно време и ќе паузира уште помалку од месец според најавите.

„Може да замислите колку бев изненаден јас. Бев заспан. Кога ми се јавија проверував да не е 1-ви април. Навистина не верував од прва. Голем шок беше. Многу тежок момент беше за мене.
(Далас) беше мој дом, така што беше навистина тежок момент за мене... Но сега ќе играм за најголемиот клуб на светот и возбуден за ова ново патување.“, искрено вели Дончиќ на презентација во Лос Анџелес Лејкерс.

Тој во саботата рано изутрина беше разменет во голема трампа меѓу Далас, Лејкерс и Јута Џез. 

Генералниот менаџер на Лејкерс, Роб Пелинка изјави на претставувањето: “Лука Дончиќ во засилува Лос Анџелес Лејкерс е сеизмички настан во НБА историјата. Кога овие две кошаркарски сили се спојуваат, ќе носат кошаркарска радост на светот“.

25-годишниот Лука Дончиќ ја игра седмата сезона во НБА лигата. Тој дури 5 пати беше Ол-Стар играч и важи за една од најголемите суперѕвезди во лигата.

Пелинка открил и дека сензационалната трампа ја најавил генералниот менаџер на Далас Маверикс Нико Харисон кој е главен иницијатор на заминувањето на Дончиќ од тимот на кој му донесе големо НБА финале со маестрални партии.

Пелинка додал дека на еден кафе-муабет во Далас минатиот месец Нико Харисон му споменал таква трампа. Тие двајца се знаеле уште од времето кога Пелинка бил менаџер а Харисон извршен директор во Најк.

Дончиќ се осврна и на прашање за Леброн Џејмс, неговиот идол од детството со кого сега ќе игра.

„Како сонот да ми се оствари. Отсекогаш се угледував на него. Има толку многу нешта да научам од него, возбуден сум и сакам да научам се и да заиграм со него. Прекрасно чувство е“, вели Лука кој не игра некаде од 25-ти декември лани поради истегнување на мускулен лист. Тој веќе тренира на паркетот и наскоро ќе дебитира за Лејкерс.

Тимот ќе има дури четири меча во Лос Анџелес следните седум дена.

Што се однесува до самиот натпревар, Леброн Џејмс беше главен актер со 26 поени, 9 асистенции и 8 скока. Остин Ривс и Руи Хачимура додадоа по 20 поени. Син му на Леброн, Брони Џејмс беше резерва и заигра во последните шест минути од мечот а го искористи времето да ја постигне својата прва тројка во НБА лигата.

Кај Клиперс, Норман Пауел беше прв стрелец со 20 поени, Џејмс Харден имаше слаба вечер со само седум поени (2/12 од игра) а Кавај Ленард запиша 11 поени.

ЛА Лејкерс игра во одлична форма, а иако играа без нивниот можеби најдобар играч сезонава Ентони Дејвис кој замина во Далас Маверикс во размената со Дончиќ, екипата игра сјајна одбрана. Во моментов имаат 29 победи и 19 порази а Клиперс има 28 триумфи и 22 порази.

5 февруари 2025 - 08:04