Леброн урна голем рекорд на Мајкл Џордан

Неверојатниот Леброн Џејмс на свои 40 години игра како во раната младост. Тој синоќа на ЛА Лејкерс му ја донесе четвртата победа по ред, овојпат против Голден Стејт Вориорс 120:112. „Кралот Џејмс“ урна неколку рекорди и стана највозрасниот кошаркар кој дал над 40+ поени во НБА.

Во триумфот на ЛА Лејкерс над Голден Стејт Вориорс 120:112, Леброн Џејмс имаше дабл-дабл учинок со 42 поени, 17 скока и 8 асистенции.

Со овој луд учинок Леброн Џејмс го надмина големиот Џордан кој на оваа возраст немаше вакви бројки во НБА.

Интересно Леброн Џејмс го држи и рекордот за најмлад и за најстар играч во НБА кој на еден натпревар забележал најмалку 40 поени. 

Леброн Џејмс е речиси еден месец повозрасен од она кога Мајкл Џордан на 40 години и 4 дена постигна 43 поени на 21 февруари 2003-та за Вашингтон Визардс. Леброн синоќа на 40 години и 38 дена постигна 42 поени.

Џејмс ја игра 22-та сезона во НБА лигата.

Леброн синоќа уфрли неколку тројки од кои дури три по ред за 48 секунди. Една од логото на средина на теренот:

Џејмс првпат ја мина таа граница со 19 години и 88 дена кога правеше шоу во дресот на Кливленд Кавалирс како свежо одбран пик. Против Њу Џерси Нетс постигнал 41 поен. Сега е со Мајкл Џордан единствениот кошаркар кој на 40 години постигнал најмалку 40 поени, а како стојат работите Леброн ќе надмине уште рекорди.

Покрај Џејмс, во новиот тим на Лука Дончиќ кој се уште паузира поради повреда се истакнаа Остин Ривс со 23 поени (ниедна тројка од 9 обиди), Гејб Винсент со 15 поени и Руји Хачимура и Хејс со по 11 поени.

Кај ГСВ, Стеф Кари постигна 37 поени (6/20 за три) но не можеше со расположениот Џејмс пред полн „Стејпл Центар“ во Лос Анџелес.

 

7 февруари 2025 - 09:21