Леброн Џејмс првпат во кариера испадна во 1 коло на плејоф, Феникс го сруши шампионот

Со феноменална партија на неверојатниот Девин Букер кој ги распали мрежичките во „Стејплс Центар“, Феникс Санс заслужено го победи Лејкерс и со 4-2 оди во следна рунда.

Најдобриот кошаркар во НБА веќе има 36 години и веќе не може да го издржи напорот на една цела сезона. Втората суперѕвезда на ЛА Лејкерс, пак, постојано се повредуваше и тоа ги чинеше рана елиминација.

2021-ва година за Лејкерс значеше повреди, повреди, утки со слободни агенти, паѓање во зона плеј-ин, нови повреди и тежок двобој со Феникс во 1. коло. Крис Пол и Девин Букер со Феникс Санс беа многу посвежи, поодморени, посилни, поздрави.

Во 6. меч Феникс Санс во „Стејплс Центар“ во Лос Анџелес го победија актуелниот шампион 113:100 и му го зададоа конечниот удар на Лејкерс.

До серијата со Феникс Санс која тимот од Аризона синоќа ја заклучи со конечни 4-2, Леброн Џејмс во 1. рунда од плејофот имаше неверојатен учиниок од 14 проаѓања понатаму без ниту една елиминација.

Претходно во составот на Кливленд, Брон имал 9-0 во прва рунда, со Мајами Хит 4-0 а со Лејкерс во сезоната 2019/2020 1-0.

Ентони Дејвис го почна мечот од старт но не се задржа долго на паркетот затоа што сè уште ровит од честите повреди не можеше да издржи и по само 6 минути игра без поени се врати на клупа од каде го проследи остатокот од дуелот.

Леброн Џејмс одигра сосема добро со 29 поени (само 3/10 за три поени), 9 скока и 7 асистенции а Денис Шрудер имаше 20 со по 3 скока и асистенции.

Кај Феникс кој оди во следна рунда, Девин Букер распали со дури 47 поени (24 во прва четвртина, вупно 8/10 за три поени), 11 скока и 3 асистенции. Џеј Краудер додаде 18, Крис Пол 8 со 12 асистенции.

Токму првиот период кога Дејвис излезе од игра беше кобен за ЛАЛ зошто постигнаа мизерни 14 поени а Феникс 36. Тогаш веќе беше јасно на каде ќе оди воденицата.

Во конференциското полуфинале на Западот, Феникс Санс ќе игра против Денвер Нагетс а првиот меч е во вторник на 8 јуни на полноќ.