Меѓусезоната во Евролига беше многу богата со трансфери на сите страни. Барселона беше најактивна на пазарот, а ништо послабо не трошеа ни другите европски титани.
Секако дека европските клубови не можат да ѝ конкурираат на НБА, но во последно време на стариот континент почнаа да доаѓаат сериозно добри кошаркари од преку океанот.
Реномираниот сајт Eurohoops, специјализиран за кошарка, објави информации за платите на играчите, но со назнака дека станува збор за неофицијални. За разлика од НБА, во Европа нема инсајдерска култура. Само неколку извори може да бидат доверливи и вистинити.
Најплатени кошаркари во Евролигата во моментов се:
НИКОЛА МИРОТИЌ, 5.400.000 долари
Миротиќ во Барселона ќе заработува 5,4 милиони долари за секоја сезона од 4-годишниот договор. Од прво шпанските медиуми шпекулираа со астрономски 70 милиони евра за 5-годишен договор, но на крај платата испадна „поскромна“.
Очигледно во случајот на Миротиќ платата не била пресуден фактор.
Неговата кариера во НБА одеше во нагорна линија, а Јута Џез беше спремна да му даде 45 милиони долари за 3-годишен договор. Самиот Миротиќ изјави дека решил да игра во Европа за да биде поблизу до семејството.
Овој трансфер беше права сензација, па не чуди што играч од негов калибар стана најскапо платен кошаркар во Европа.
АЛЕКСЕЈ ШВЕД, ХИМКИ, 4.000.000 долари
По враќањето од НБА во Химки, Швед стана еден од најскапо платените играчи во Европа. Неговиот втор договор со клубот, потпишан во 2017 година му ја покачи платата.
Само Никола Миротиќ ќе заработува повеќе од Русинот по сезона.
Швед важи за еден од најдобрите играчи во Евролигата така што оваа плата делува сосема логично.
Минатата сезона не беше на ниво поради постојаните повреди, но сега влегува спремен во сезоната 2019/2020. Швед не играше на Светското првенство во Кина со цел да биде целосно здрав за новата сезона.
Од него зависи дали и по крајот на сезоната 2019/2020 ќе заработува исто, затоа што во случај повторно да пропушти голем број натпревари, Химки го задржува правото да го ревидира договорот и да не инвестира толку многу пари во него.
ВАЛТЕР ТАВАРЕШ, РЕАЛ, 3.000.000 ДОЛАРИ
221-сантиметар високиот кошаркар од Зелен ’Рт (Капе Верде) потпиша 5-годишен договор со Реал Мадрид. Волку големи договори клубовите обично потпишуваат со млади талентирани играчи, но Тавареш стана исклучок.
Тој во НБА можел да зема минимална плата, а во Реал го ценат далеку повеќе. Тој важи за најдобар одбранбен играч во Евролигата и специјалист за блокади. Неодамна лупна 7 банани на кошаркари од Барселона во финалето на Супер Купот на Шпанија.
Реал затоа не жали пари за овој ѕвер.
НАНДО ДЕ КОЛО, ФЕНЕРБАХЧЕ, 2.600.000 ДОЛАРИ
Французинот со ЦСКА ја освои Евролигата пред неколку месеци и летово неочекувана го засили Фенербахче, на барање на тренерот Жељко Обрадовиќ.
Кога сите мислеа дека Нандо ќе потпише со Реал Мадрид, а тој изјавуваше дека би се вратил во НБА, на крај испадна дека ќе продолжи да игра за гигантот од Истанбул.
Турската кошарка иако минува низ финансиска криза, Фенербахче успеал да го купи Де Коло после продажбата на Николо Мели и Марко Гудуриќ во НБА.
Де Коло ќе зема иста плата како и во ЦСКА Москва а во Фенер исто ќе ја има улогата лидер со која треба успешно да се справи. Има 32 години и тешко е за верување дека би можел пак во НБА. Иако Торонто Репторс се уште полага права на него.
ШЕЈН ЛАРКИН, АНАДОЛУ ЕФЕС, 2.600.000 ДОЛАРИ
По фантастичната сезона 2018/2019 кога беше можеби најдобар играч во Евролигата, малку фалеше Ларкин да се врати во НБА, но наводно тој одбил да биде резерва во некоја франшиза а притоа добил привлечна понуда да остане во Ефес.
Потпиша договор вреден 2,6 милиони долари а ако остане и следната сезона, ќе зема 2,8 милиони долари. Ларкин беше главна причина што Ефес сензационално предводен од тренерот Ергин Атаман стигна до финалето на Евролига.
НИК КАЛАТЕС, ПАНАТИНАИКОС, 2.550.000 ДОЛАРИ
Грчкиот репрезентативец и натаму е меѓу најплатените кошаркари во Евролига. Тој важи за еден од подобрите плејмејкери во Европа иако 26,5% прецизност во шутот за три е катастрофален. Но асистенциите се тие што го прават Калатес атрактивен и корисен играч.
Ник Калатес заработува милион долари повеќе од вториот највисоко платен играч на Панатинаикос Џимер Фридет (1,65 милиони долари).
Ник има голем авторитет во Грција но никако да се наметне како прав лидер и да го однесе ПАО на Ф4.
ЈАН ВЕСЕЛИ, ФЕНЕРБАХЧЕ, 2.430.000 ДОЛАРИ
Чешкиот центар е актуелен MVP на Евролигата. Тој е столб на успесите на Фенербахче во последните неколку сезони. Жељко Обрадовиќ еднаш ја освои Евролигата со Фенер, но тимот постојано игра на Фајнал Фор и тоа благодарение најмногу на Весели.
Договорот на Јан со Фенер истекува за 2 година, така што тој и натаму ќе биде еден од најплатените играчи во Европа.
СЕРХИО ЉУЉ, РЕАЛ МАДРИД, 2.200.000 ДОЛАРИ
Договорот на Љуљ со „кралскиот клуб“ истекува во 2021 година кога овој врвен кошаркар ќе има 33 години. Поради тоа што вратата во НБА веројатно му е затворена за евентуално да заработи богат договор, Љуљ во Мадрид има апсолутни добри услови.
Иако не е истиот оној Љуљ од пред повредата на лигаментите, тој беше носител на играта на Шпанија на Светското првенство каде освоија злато.
Љуљ останува душа и срце на Реал Мадрид, а конкуренција и натаму ќе му биде дрскиот Аргентинец Факундо Кампацо.
СЕРХИО РОДРИГЕЗ, МИЛАНО 2.000.000 ДОЛАРИ
Чачо Родригез можеше да остане во ЦСКА уште една година со плата од 2,5 милиони долари, но двете страни решиле да се збогуваат. Серхио сакал подолг договор и го нашол во Милано со 3-годишен кој ќе му донесе околу 6,5 милиони долари.
Родригез не изгуби многу драстично од платата што ја добиваше во Москва, но си обезбеди долгорочна финансиска стабилност што за 33-годишен играч е исклучително важно.
Во Милано ќе игра под водство на легендарниот Еторе Месина со кого беа успешни во Реал Мадрид.