Голден Стејт владее со НБА лигата - Вориорси ја одбранија титулата

Кошаркарите на Голден Стејт го задржаа шампионскиот пехар во своите витрини откако го сомлеа Кливленд со 4-0 во финалето на Плејофот. Кевин Дурент повторно е МВП.

Тимот на неверојатниот Стив Кер триумфираше и во четвртиот меч од финалната серија, во Охајо пред гостинска публика и го освои и третиот шампионски трофеј во последните четири години.

„Воините“ загубија единствено во 2016 кога Кливленд успеа да направи пресврт тогаш во финалната серија за прва историска титула на Кавалирс.

Голден Стејт има шест титули колку што има и Чикаго Булс. Овие два тима се трето место на листата најтрофејни НБА франшизи, далеку зад Бостон кој има чудесни 17 титули и Лос Анџелес Лејкерс со 16.

***

По три тешки порази, Кливленд во четвртиот меч пред своите навивачи се обиде да го пролонгира финалето но Голден Стејт Вориорс стигна во Охајо со намера да ја испее последната песна.

Јунак на шампионскиот меч беше Стеф Кари со 37 поени, шест скокови, четири асистенции и три украдени топки а за наградата најкорисен играч во финалната серија (МВП) Кевин Дурент стигна со 20 поени, 12 скока и 10 асистенции. Дурент сосема заслужено стигна до вредното признание „Бил Расел“ за најдобар кошаркар.

Дурент влезе на вечната листа како шести играч во историјата кој две години по ред го кренал трофејот за играч број еден во финалната серија.

Покрај него, голем придонес во шампионската победа имаше и Андре Игудала кој како рековалесцент постигна 11 поени, Клеј Томпсон даде 10 поени а Драјмонд Грин броеше до 9 поени и 9 асистенции.

Кај поразениот домаќин Леброн Џејмс постигна 23 поени со осум скокови и седум асистенции. Осмото последователно финале на Плејофот од вкупно девет во неговата кариера Леброн го доиграл со тешко повредена шака за што заслужува целосен респект.

Покрај „Кралот“, стандардни Кевин Лав со 13 поени и Родни Худ и Џеј-Ар Смит со по 10 поени.

Славјето во Оукленд каде се чекаа хероите да слетаат од Охајо: