Шпанскиот клуб Севиља покренал правна битка и го раскинал договорот со фудбалерот Жорис Њањон (стопер и бек). Французинот во Севиља е од 2018-та година а договорот требаше да му истече дури во 2023-та. Андалузијците го доведоа од Рен во 2018 за 13,5 милиони евра, но тренерот Хулен Лопетеги сега крева раце од него откако неколку пати го замолувал и убедувал да ги спушти вишокот килограми.
Ваквата појава не е баш честа меѓу професионалните спортисти кои во клубовите се под строг режим и буквално постојат ситуации кога играчите се казнети зошто од одмор се вратиле со вишок грами (не килограми).
Во една од најпрофесионалните лиги на светот, американската НБА играле стотина тешкаши, меѓу кои попознати беа Шекил О’Нил, Чарлс Баркли, Еди Кари или Мајк Свитни.
Но никој никогаш не си направил проблем како Џон Сем Вилијамс, крилниот центар кој кариерата ја заврши во Шпанија, но остана познат како единствениот во историјата кој бил суспендиран од НБА тим поради проблемите со дебелина/тежина.
Денес 54-годишниот Џон Вилијамс, од 1986-та до 1995-та беше дел од Вашингтон Булетс, Лос Анџелес Клиперс и Индијана Пејсерс. Кариерата ја заврши во 2002 во Лусентум Аликанте.
Додека играл за ЛА Клиперс го викале „Hot Plate“ или „Топлата чинија“. Овој прекар му го смислиле уште додека играл универзитетска кошарка за тимот на Лузијана Стејт, универзитет каде неколку години подоцна се појави уште една џиновска легенда: Шекил О’Нил.
На Универзитет, Вилијамс во колеџ лигата за Лузијана Тајгерс во просек постигнувал по 15,8 поени, 7,6 скока и 3,1 асистенција. Ова било доволно во 1986-та година да го изберат како 12-ти пик на драфтот. Го потпишале Вашингтон Булетс.
Се било спремно да блесне на голема сцена, но кога стигнал во НБА, го следеле депресија и стрес поради смртта на двајца другари од детството како и смртта на баба му која била финансиска поддршка во најтешки денови за семејството.
Сега мајка му, дедо му и двајцата браќа станале финансиски зависни од НБА кошаркарот што му предизвикало силна анксиозност која што ја ублажувал со обилна храна.
Во првата сезона од НБА имал просек од 9,2 поени, 4,7 скока и процент од 45% прецизност во шут од игра. Покажал дека местото му е во НБА и таа форма ја одржал во следните две сезони (13,7 поени и 7 скока во просек во третата сезона), па го спомнувале и за Ол-Стар неговото име.
Но и покрај добрите партии на терен, кошаркарот на Вашингтон Булетс почнал да има проблеми со килажата иако секогаш ја контролирал некако.
Вилијамс се етаблирал како еден од најдобрите играчи во рекетот во НБА, а во четвртата сезона добил повик и за елитниот Ол-Стар меч поради супер просекот од 18,2 поени и 7,6 скока.
Но по одиграни 18 средби во регуларниот дел од сезоната, го повредил коленото и во целост ги скинал средните колатерални лигаменти и делумно вкрстениот лигамент.
Повреда која значела почеток на крајот на талентираниот Вилијамс.
ПРЕМИИ ЗА НАМАЛЕНА КИЛАЖА
Без кошарка Вилијамс се свртел кон храна. Кујната му била како пештера во која потполно се скрил по смртта на татко му од срцев удар. Овој настан го скршил дополнително и прекинал да оди на рехабилитација. Кога конечно се вратил во тренинг центарот на Вашингтон Булетс, тежел над 127 килограми, тежина со која ги изгубил финансиските бонуси (200.000 долари премија ако ослабне) кои управата му ги дала на маса како поддршка да ослабе.
Во сезоната 90/91 Вилијамс одиграл само 33 меча за Булетс на кои станало јасно дека му е се потешко да скока и да го прави неговиот препознатлив влез како шило во противничката одбрана. А допрва следело најштекото.
Еднаш се појавил во тренинг базата на тимот од главниот град, со тежина поголема од 137 килограми. Премногу дури и за Булетс кој веќе немале толеранција да го трпат и решиле да го суспендираат сред сезона. Ова била прва ваква изречена дисциплинска мерка во историјата на НБА.
Клубот му поставил ограничување од 118 килограми ако сака да заигра пак, но тој никогаш не ја достигнал оваа бројка. Неговиот правен застапник побарал трансфер на Вилијамс во ЛА Клиперс и и се заканил на управата на Вашингтон дека ќе ги даде на суд ако не го пуштат.
По заминувањето од Вашингтон Булетс, дебелиот Вилијамс две сезони поминал во Лос Анџелес Клиперс пред да ги спакува куферие и да замине во Индијана Пејсерс каде ги одиграл последните 34 меча во својата НБА кариера.
И покрај тоа што тежел претерано многу, Вилијамс успеал да ја одржи својата класа и набрзо да ги убеди управниот одбор и стручниот штаб на шпанска Гранада да потпише договор со него. Усеал брзо да ги освои навивачите кои доаѓале специјално за него во сала.
По една сезона во земјата на династијата Насриди и некогашниот Гранадски емират, оди да игра во ТДК Манреса па уште две сезони во Ваљадолид каде ги пружил најдобрите партии откако дошол во Шпанија.
Дебелиот Вилијамс добил понуда и од Аликанде каде едвај одиграл еден меч поради повреда, а кариерата комплетно ја завршил во Сиудад де Уелва на 38 години.
Прашањето кое секој љубител на кошарката го поставувал било: „Колку далеку ќе отидеше овој кошаркар да не беше толку дебел“?