Минатиот вторник, Двејн Вејд зборуваше за својата кариера во Мајами во минато свршено време,а вчера донесе уште причини за јавноста во САД да се запраша дали заминува или останува во Мајами.
Крис Маникс од Спортс Илустрејтид на Твитер објави дека Лејкерс е заинтересиран за кошаркарот кој 12 години го носи дресот на Мајами. Вејд би сакал во Лос Анџелес да замине како слободен агент, пренесува Вашингтон Пост, но Мајами не се откажува лесно.
Во меѓувреме Лејкерс летово ќе има преку 20 милиони долари на располагање за слободните агенти. Коби Брајант ја игра веројатно последната сезона, а франшизата сигурно не сака да им се повтори очајната сезона. Иако играат на истата позиција, Вејд и Коби би можеле да бидат идеални партнери, ветерани кои би се освежиле со вториот пик на драфтот.
Од друга страна, 11-кратниот Ол Стар играч на маса имал понуда и од Кливленд Кавалирс, каде повторно би се здружил со Леброн Џејмс. Овие гласини дополнително ги распали татко му на Вејд, Двејн Вејд Сениор кој во една црква во Мајами се појавил во маичка од Кливленд Кавалирс. Според СБС Спортс, татко му на Вејд гостувал во една радио емисија каде го прашале дали Двејн ќе остане или ќе си замине од Мајами следната сезона? Хит би сакале да го задржат Вејд, но веруваат дека ако му платат толку колку што бара, ќе им биде намален буџетот за нови играчи во 2016 и 2017 година.
„За такво нешто сум слушнал можеби 2,3 илјади пати. Одговорот што можам да го дадам е дека вие дечки мора да знаете дека Ди Вејд е овде откако игра во лигата, и ајде да се помолиме тој да остане овде до крајот“, одговорил Вејд Сениор.
Вејд веројатно е заситен од долгиот престој во Мајами и сака да се проба на друго место. Или сево ова е блеф со кој се става притисок врз Мајами да му понуди богат договор. Минатата сезона Вејд одигра 62 натпревари и постигнуваше во просек по 21,5 поени по натпревар. Мајами имаше големи аспирации во сезоната која заврши, но поради повредите на Крис Бош и Двејн Вејд не стигнаа далеку.
Мајами во меѓувреме го продолжи договорот со Горан Драгиќ, кој ќе заработува 80 милиони долари во следните 3 сезони и со тоа стана втор најплатен играч на франшизата. Во случај да замине Вејд, Мајами имал во план да ги доведе Данкан и Новицки како слободни агенти.