Кошаркарската федерација на Србија утринава ни го прекина уживањето на гледање голови и најинтересни моменти од првото коло во ЛШ со неубава вест.
„Прославениот селектор на Југославија и Србија, еден од најдобрите тренери во историјата на светската кошарка, Душан Дуда Ивковиќ, почина во Белград на 77 години“, стои во твитот.
Начинот на кој го условуваат во веста е повеќе од точен, бидејќи тешко е да се повтори една таква блескава и трофејна кариера. Пет декади работа – 28 трофеи плус уште 9 медали како асистент.
Великан кој во 2017-та беше избран во Куќата на славните на ФИБА и прогласен за кошаркарска легенда, награда која ја дава Евролигата.
После нецели 50 години тренирање во кои достигна височини, кои е тешко да се замислат, Дуда одлучи да оди во ептен заслужена пензија на хуманитарна церемонија во Атина 2016-та.
Беше страстен обожавател на гулаби, но и професионален натпреварувач и рекордер, како и еден од основачите на славниот Раднички од Црвениот крст. Шампион во СФРЈ во кој играле претежно луѓе со факултетско образование во тој период 1958 – 1968.
Во кариерата делеше памет во 12 клубови во 5 земји: Партизан, Арис, Раднички, Шибеник, Војводина, ПАОК, Паниониос, Олимпијакос, АЕК, ЦСКА Москва, Динамо Москва и Анадолу Ефес.
Освојуваше првенства и купови, а најголемите успеси му се двете европските титули во Олимпијакос во 1997-ма и 2012-та. Втората радост ја делеше заедно со Перо Антиќ.
Ако неговите клупски успеси заслужуваат документарец, тогаш за репрезентативните ќе биде потребен серијал од повеќе епизоди.
Југославија под водство на Дуда Ивковиќ стана светски првак во 1990-та, како и европски во 1989-та, 1991-та и 1995-та. Успеси кои ќе останат во спортските анали и за кои други може само да сонуваат.
Трите еврошампиони ги освои со апсолутна доминација од 19 победи на 19 натпревари. На Мундијалот во Аргентина 1990, Југославија во полуфиналето го елиминираше САД, а во финале СССР.
Е сега внимавајте добро кои легенди беа под негова палка и со кои стана светски првак: Владе Дивац, Дражен Петровиќ, Тони Кукоч, Жарко Паспаљ, Зоран Савиќ, Велимир Перасовиќ, Јуриј Здовц, Зоран Чутура, Жељко Обрадовиќ, Аријан Комазец, Радислав Чурчиќ и Зоран Јовановиќ.
Југоносталгичарите останаа вечно куси што не го видоа веројатно најјакиот кошаркарски спектакл кој може да го понуди една Олимпијада, а тоа е Барселона 1992, каде Југославија не доби дозвола за учество поради санкции од Обединетите нации.
Ќе играше против неповторливиот дрим тим на САД, натпревар кој со години го наметнува прашањето за победникот. Во едно интервју, Дуда на таа тема рече:
„ЕСПН објави моја изјава во која верувам како репрезентацијата на Југославија би го победила тогашниот дрим тим. Ние бевме толку доминантна екипа така што до финале ќе стигневме лесно. Ќе направев таква програма со подготовки за на тој меч да бидеме далеку поспремни. Тогашниот Меџик Џонсон со ХИВ, Џордан и компанија не беа толку спремни“.
За југословенската кошарка велеше:
„Кошарката сега е српски спорт, но не можеме да негираме кога Европа и цел свет ја признаваа и југословенската школа. Таа кошарка беше на ниво и ги имаше сите карактеристики на модерна кошарка. Многу луѓе не копираа во тоа време“.
А еднаш раскажа и една интересна случка од пред 42 години.
„На едно предавање во 2008-ма Американците не можеа да ми веруваат кога им зборував дека гледав Фајнлфор во колеџ лига во 1979-та. Во финале имаа Миџиген Стејт и Индијана, а најдобри играчи им беа Меџик Џонсон и Лери Бирд. Тогаш видов дека тренирам играчи со ист талент и потенцијал, но во тоа време во НБА не постоеше интерес за играчи од странство. Денеска многу повеќе знаат за најталентираните европски играчи“, вели Ивковиќ.
Ивковиќ не беше тренер со кампањски успеси, туку роден победник кој секогаш целеше на високо. Како селектор на Србија која ја водеше од 2008-ма до 2013-та, на ЕП 2009 освои сребро, а следната година на Светско ги однесе до четврто место.
Последното интервју со Дуда го направија од Спорт Клуб, а на тв се емитуваше вчера.