Дончиќ собрал 2,2 милиони долари за болно дете, па го победи идолот Леброн

Лука во моментов е најатрактивен кошаркар во најдобрата светска лига. Синоќа одново ја загреа глобалната сцена со дуел 1 на 1 против Леброн Џејмс на мечот Маверикс - ЛА Лејкерс кој неговиот Далас го доби 114:100. Но пред мечот Лука направи едно прекрасно дело.

ГО ПОБЕДИ СВОЈОТ ИДОЛ ЛЕБРОН

Лука на паркетот против Лејкерс помина 33 минути, погоди 10 од 23 шута од игра (4/10 за три) и на крајот имаше голем удел во победата со 27 поени, 10 асистенции и 9 скока, иако имаше и 7 изгубени топки.

Дончиќ играше против Ентони Дејвис и Леброн Џејмс, можеби најмоќниот светски тандем во моментов, но со неколку потези Словенецот покажа зошто вниманието на медиумите е свртено кон него.

„Леброн го гледав како мал, многу му се дивев, ми беше пример додека раснев. И уште ми е“, изјави Дончиќ по триумфот на Далас сред Лос Анџелес.

ХУМАНОСТА НА ДЕЛО ЗА МАЛИОТ КРИС

Европскиот шампион со Словенија се видел со малото дете Крис од Словенија кое страда од спинална мускулна атрофија. Лука Дончиќ заедно со Словенците од дијаспората и со оние од Словенија собрале преку 2,2 милиони долари за продолжување на лекувањето.

Заедно со мајка му Мирјам, лидерот на Далас го гушна малиот Крис Зудиќ, 22-месечно дете кое е со мајка му Ана и татко му Матео на третман во Роналд Реган УЦЛА Клиничкиот центар во Лос Анџелес.

„Лука сакаше да го сретне. Многу е осетлив на деца, но тие не можеа да останат во салата за натпреварот затоа што имуниот систем на Крис не е силен“, вели мајка му на Дончиќ, Мирјам Потербин.

Семејството на Крис Зудиќ потекнува од Копер, град во Словенија со 25.0000 жители. Кога му била извршена дијагнозата, докторите им кажале на родителите на Крис дека ќе му треба најскапиот лек на светот, Золгенсма кој чини преку 2,1 милиони долари.

Семејството Зудиќ веднаш покренало кампања за собирање средства а акцијата ја поддржале Дончиќ, одбојкарската репрезентација на Словенија и познати словенечки музичари на социјалните мрежи.

Во еден момент се собрале близу 5 милиони долари, доволно да се покрие терапијата и животните трошоци на семејството при престојот во Лос Анџелес.

Зудиќ минатата недела ја примил терапијата, а неговите родители ќе мора да останат во Лос Анџелес три месеци за докторите да може да го следат развојот на состојбата на Крис.

„За мене ова е поважно од кошарката искрено, затоа што цело време покажува дека навистина е добра личност. Многу ми значи ова“, вели мајка му на Дончиќ.