Младиот центар на Денвер Нагетс, Никола Јокиќ е круна на одличната менаџерска работа на агентот Мишко Ражнатовиќ кој откри како го открил талентираниот Сомборец.
Кога пред неколку дена против Детроит Пистонс постигна 17 поени, 5 скока и 3 асистенции за 32 минути, коментаторите на каналот Алтитуде констатираа дека Никола Јокиќ е унапредена верзија на Владе Дивац. Со таква конституција, слична логика за кошарката имаше легендарниот Дивац кој знаеше како да ги проигрува сограчите.
Во каква форма игра Јокиќ во дебитантската НБА сезона (дојде од Јадранската лига во Денвер), доволно зборува повикот за настап со Ол Стар тимот руки против софомор минатиот викенд во Торонто. Искуство на Ол Стар меч, Јокиќ имал и во 2013. година кога во Љубљана играше на јуниорскиот ФИБА Ол Стар натпревар.
Патот на Јокиќ од Сомбор и Сремска Митровица, преку Нови Сад до Америка бил долг.
„Недела наутро, читам Журнал и прстот ми се залепи за страната каде беа резултатите од јуниорската лига. Прво коло. Гледам Никола Јокиќ Војводина индекс преку 50, 20 скокови. Не знам кој е малиот, но заклучувам дека е центар. Следната недела повторно отворам и приказната се повторува. Му се јавувам на Тадија и го прашувам кој е овој? Тадија, којшто ги знае сите клинци ми вика првпат слушам“, ја почнува приказната Мишко Ражнатовиќ за тоа како дознал за Јокиќ кој подоцна стана главен играч на неговата Мега.
Човекот кој е агент речиси на цела Евролига и половина НБА веќе две децении знае да намириса талент. Така било и во случајот со Јокиќ.
„Му реков на Тадија, провери дали е центар, како е физички оформен, дали е цврст и набиен, силен или е бебест. Се јавува Тадија за 15 минути и вели, бебест е, без ниту еден мускул, има дури и сало, дебелко е. Јас му викам - ОК, утре одиш во Нови Сад и не се враќај без потписот на Јокиќ за застапување. Сè друго е историја. Оваа приказна е 100% точна, без гледање и на инстинкт. После два месеци Војводина го ослободи затоа што немаше договор и дојде кај нас во Мега. Месец дена не тренираше со екипата, едвај правеше женски склекови. Во еден момент после два тренинзи тренерот Дејан Милојевиќ рече: Малиов за месец дена ќе ми игра во прв тим. Не верував“.
Никола Јокиќ во летото 2012. го потпиша првиот договор со Мега. Во првата сезона играл за јуниорскиот состав, а во првенството 2013/2014 заигра во АБА лигата. На 25 средби имаше просечно 11,4 поени, 6 скокови и 2 асистенции.
Во летото 2014. на драфтот како 41. пик го одбра Денвер Нагетс. По летната лига минатиот 28 јули потпиша со Денвер и од тој момент почнува развојот на неговиот учинок. Во моментов стручњаците го ставаат на чело на листата најдобри дебитанти сезонава. За репрезантцијата на Србија, Никола Јокиќ досега играл само за селекцијата до 19 години со која освоил сребро на СП во Чешка 2013-та.